Вработените мајки за прво, второ и трето дете да добиваат целосен поврат на платениот персонален данок, а системот на јавни набавки да се модернизира со поголема професионализација, транспарентност и примена на вештачка интелигенција. Ова го предвидуваат два законски предлога што денеска се на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Со предложените измени на Законот за јавните набавки се предвидува модернизација на системот за обука на службениците преку континуирано професионално усовршување, наместо досегашниот модел на ресертификација со повторно полагање испит.

Предлогот предвидува и проширување на надлежностите на Бирото за јавни набавки во делот на дигиталните алатки и примената на вештачката интелигенција, со цел унапредување на процесите и намалување на ризиците од корупција. Се предлагаат и нови механизми за размена на податоци и зголемување на транспарентноста во постапките за јавни набавки.

На дневен ред на Комисијата е и Предлог-законот за дополнување на Законот за данокот на личен доход, со кој се предлага целосен поврат на платениот персонален данок за вработените мајки.

Според предложеното решение, мајките на првородено дете би имале право на поврат на 100 проценти од платениот данок на личен доход од плата во период од 12 месеци. За мајките на второродено дете повратот би се однесувал на период од 24 месеци, додека за мајките на третородено дете би траел до полнолетството на детето, односно до навршување 18 години.

Предлагачот образложува дека целта на мерката е да се обезбеди дополнителна финансиска поддршка за семејствата преку зголемување на расположливиот доход, без воведување нови надоместоци или директни исплати од Буџетот.

Во образложението се наведува дека предложеното решение е насочено кон одговор на економските предизвици со кои се соочуваат семејствата и подобро усогласување на професионалните и семејните обврски. Мерката, според предлагачот, има за цел и да придонесе кон демографската политика и поттикнувањето на наталитетот.

Exit mobile version