Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, Македонија има највисока стапка на инциденца на западнонилска треска во Европа, посочи советничката од СДСМ во Советот на Град Скопје, Катерина Цаневска, истакнувајќи дека бројот на заболени и починати во последните месеци е особено загрижувачки во споредба со изминатите 15 години.
„За справување со опасноста која ги плаши скопјани, справувањето со западнонилската треска – чиста единица. А единица имаме и на европско ниво според податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, имаме највисока стапка на инциденца на западнонилска во Европа. Сите изминати 15 години имаме помалку заболени и починати, отколку последниве месеци. Кој ја менаџира кризата тука во Скопје?“, праша Цаневска.
Таа нагласи дека граѓаните бараат отворени одговори за ефикасноста на преземените мерки за дезинсекција, наместо политички препукувања.
„Граѓаните не ги интересираат политичките препукувања, туку зошто системот не реагираше навреме. Не да се фалите колкупати сте прскале и дека пожртвувано, вака стоеше во ПР објавата, ‘додека скопјани спијат, вработените се на работа и прскаат против комарци’, туку со што и дали средството беше соодветно и ефикасно. Од базени и канализации, до застоена вода и вазни на гробиштата, гаврани и кокошки, но одговорноста никако да се најде. Граѓаните не бараат изговори. Бараат навремена реакција, јасни информации и одговорност“, порача советничката од СДСМ.
Цаневска упати прашање и до градоначалникот на Скопје, Орце Георгиевски, во однос на критериумите според кои епидемија беше прогласена само во дел од скопските општини.
„И она што не ни е јасно, како е возможно во 5 од 10 скопски општини да биде прогласена епидемија на западнонилска треска, а во другите пет? Им забранивте на комарците да дојдат без соодветна лична карта во други општини? И еве има и во Центар заболени, сигурно и на други места и многу повеќе од пријавените“, рече Цаневска.
Советничката подвлече дека не станува збор за ширење паника, туку за барање стручни информации за протоколите и препаратите што биле користени.
„И не, не ширам паника, напротив, прашувам какво стручно мислење користеше градот за утврдување на препаратот, какви мислења и препораки има. Кој задоцнил? Кој донел погрешна одлука? Кој ја контролирал реализацијата? Кој потпишал дека мерките се успешно спроведени?“, праша Цаневска.
На крајот, таа апелираше здравјето на граѓаните да биде приоритет пред секоја дневни политички стратегии.
„Апелираме ова не смее да биде ПР стратегија, туку здравствена и стручна. Покажете дека здравјето ви е поважно од некакви зделки и промовирање. Барам прецизен одговор: што е направено навреме, што е пропуштено и кој ќе понесе одговорност?“, порача Цаневска.


