Бујар Османи: Гласањето против уставни измени е гласање за блокада

Гласањето против уставните измени значи игнорирање на обврските кои ги презела државата и со тоа, по завршувањето на скринингот, буквално по автоматизам ќе бидат блокирани преговорите, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи во интервју за Прес24.

Потенцира дека во обратната ситуација, донесувањето на уставните измени по автоматизам ги  продолжува преговорите и по завршување на скринигот, без за тоа повторно да се бара консензус од Советот на ЕУ.

-Таа одлука е веќе донесена од страна на Советот, и само се очекува Комисијата да констатира дека условот за уставните измени е задоволен и по автоматизам преговрите продолжуваат. Тоа создава ситуација на јасна одговорност пред секој пратеник и не само што нема ништо спорно, туку би било многу неодговорно доколку за тоа не се разговара посебно со секој од нив. Осамни вели дека во неформалните разговори самите пратеници и од опозицијата изразуваат личен став дека уставните измени не се воопшто спорни.

-Не треба да се алудира на никакви сценарија ако секој пратеник самостојно размислува за одлуките кои ги носи, вели Бујар Османи во интервјуто. 

Софија и Скопје минатата недела го направија првото заедничко одбележување на Свети Климент Охридски во Скопје, нешто што вели Османи е дел од позитивните исчекори во дипломатскитре односи. Иако на површината во јавноста се доминантни настани, како отварањето клубови, кои предизвикуваат провикации, сепак шефот на дипломатијата вели дека дипломатските односи се развиваат добро.

- Веднаш по новогодишните празници ќе се рестартира работата на Меѓуресорските работни групи, а нивната работа, е од суштинско значење за испитување на можностите за соработка меѓу институциите и бизнисите; Веќе се работи на календар за културни настани за 2023 година во двете земји, вели Османи за Прес24.

Во интервјуто Oсмани зборува и за засилениот ангажман на САД за борбата против корупцијата и потенцира дека за Владата тоа не е изненадување, бидејќи е дел од веќе договорените активности на ниво на стратешко партнерство што државата го има со САД.

- Можеби некому дојде нагло, но ние ова го очекувавме, па дури и го најавувавме и верувам дека државата од ова може да излезе само посилна. Точно е дека имаме потешкотии да се справиме со корупцијата, и не само што не е срамота, туку е одговорно за тоа да се побара помош од пријателите и сојузниците. САД е најсилната држава на светот и од верувам дека поддршката во справувањето со криминалот и корупцијата ќе биде успешна и ефикасна, вели Бујар Османи за Прес24.

ПРЕС24: Со бугарскиот министер за надворешни организиравте некаква форма на заедничко чествување на Свети Климент Охридски иако тоа некако помина надвор од објективите на медиумите, без претходни најави. Зошто таков пристап?

ОСМАНИ: Во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, заеднички, сме ја преземале обврската да чествуваме историски личности, кои имаат историско значење за двете страни, но и пошироко. Тоа се личности (и настани) за кои Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу двете земји, со консензус ќе донесе препорака дека се личности кои може на симболичен начин да помогнат во надминувањето оние моменти од минатото поради кои спорат двете држави и да ги претвори во мост на поврзување и помирување. Св. Климент Охридски е токму таква личност, чии живот и дело, патем, излегува од националните контексти и на двете земји, и затоа, сметавме дека е добро, заедно со бугарскиот колега, да положиме цвеќе на неговиот споменик. Дополнително, министерот Милков направи чест со посетата на нашата НУБ Св. Климент Охридски каде што беше запознат со историјатот на оваа наша врвна институција и ја разгледа изложбата посветена на нејзиниот патрон, подготвена од дела од наши врвни ликовни уметници.

Сметам дека овој чин е сосема во духот на нашата определба за водење доследна политика на добрососедството, но и во духот на европските вредности и манири. Ако погледнете во поновата историја на европскиот континент, ќе може да видите дека заедничките чествувања се највисоката форма на изразување меѓусебна почит меѓу државите. Ние денес сме веќе сојузници во Алијансата, утре ќе бидеме партнери и во Европската Унија. Тоа се сојузи каде што споделувањето вредности е еден од водечките принципи.

ПРЕС24: Средбата во Скопје се случи и во еден комплициран период во односите меѓу двете држави, особено поради отварањата на клубовите тука и таму. Колку таа комплицираност е во суштина и сериозен дипломатски проблем?

ОСМАНИ: Токму дипломатијата е таа што не треба да дозволи одредени настани да влијаат и да ги комплицираат билатералните односи. Оттука, оваа средба/посета на мојот бугарски колега во Скопје, како и мојата претходно во Софија, Бизнис Форумот, но и сите оние посети на министерско ниво во повеќе ресори, во изминатиов период, се доказ дека постои волја од двете страни, да продолжи соработката во сите сфери од заеднички интерес, а можам да ве уверам ги има многу, на кои само треба медиумите да им отстапат простор и внимание. Со „настани“ од тој тип не може да се гради добрососедство и пријателство.

ПРЕС24: Оваа приказна со клубовите некако како да се случува како продолжение на политиките на конфликти. Како нова димензија на отсуството на ветото. Нема вето, но ситуацијата на терен покажува дека Македонија не почитува елемемнтарни човекови права?

ОСМАНИ: Не можам да се согласам со констатацијата дека во Северна Македонија не се почитуваат елементарните човекови права. Преку Охридскиот рамковен договор и ние создадовме автентичен модел на функционална мултиетничка демократија, кој е препознатлив не само кај нас, туку и во регионот, па ако сакате и низ целиот свет. Токму мултиетничкиот карактер на нашата држава е една од темелните вредности на уставниот поредок со кој се гордееме. Сите граѓани на Северна Македонија имаат еднаква слобода на здружување. Тоа се законски и уставно загарантирани човечки, граѓански права и слободи. Тоа е препознато и во сите извештаи на ЕК и на други релевантни Меѓународни организации.

ПРЕС24: Вие велите провокоациите се намерни и треба да се игнорираат, но прашањето е дали МНР може да ги превенира?

ОСМАНИ: Очигледно е дека провокации има од двете страни, а по дефиниција провокацијата содржи и намера. Овде намерата е јасна - да се нанесе штета на нашите заеднички обиди, на највисоко политичко ниво, односите меѓу двете земји да се вратат во нормален колосек, би рекол европски. Секоја провокација се храни од внимание, па оттука сметам дека нивното игнорирање значително ќе го намали нивното влијание врз нашите односи. Но тука не треба да застанеме.

Превенцијата секако има важна улога, и ние како Министерство настојуваме да ја практикуваме во рамките на нашите надлежности. Не случајно, јас лично во моите настапи, но и во нашите официјални соопштенија постојано апелираме до граѓаните на двете земји да не им подлегнуваат на ваквите провокации кои имаат една единствена цел, а тоа е да ги спречат двете држави во спроведувањето на искрените намери за продлабочување на односите меѓу нашите држави и народи во духот на европските вредности.

ПРЕС24: Се случува ли нешто на ниво на разговори Скопје-Софија овој период во насока на подобрување на општествената клима, или се е оставено на чекање на резултатот од уставните измени?

ОСМАНИ: Напротив. Како што кажав за време на мојата посета на Софија, пред еден месец, со мојот колега, Николај Милков, договоривме односите меѓу двете земји да ги доведеме до нивото кое доликува меѓу два соседа, до нивото кое го очекуваат најголем дел од граѓаните и на двете земји. За неполн месец, тој дојде во Скопје, заедно го отворивме Бизнис Форум кој обедини над 150 македонски и бугарски фирми. Дополнително, во период од една недела, имаше изобилство од настани: се одржа втората демонстрација на Оперативно-тактичка вежба „ХАРПУН 2022″ , министерот за земјоделство на Бугарија, Јавор Гечев оствари средба со министерот Николовски- разговараа за зајакнување на меѓусебната размена на земјоделско - прехранбени производи; Беа свечено отворени новите простории на КИЦ на Бугарија во Скопје, во присуство на Министрите за култура. На 25.11.2022, беа свечено отворени новите простории на КИЦ на Бугарија во Скопје, во присуство на Министрите за култура; Министерката за животна средина на Бугарија, Росица

Карамфилова оствари средба со МЖСПП Нуредини – разговараа за соработка во рамки на поглавјето 27 од правото на ЕУ. Веднаш по новогодишните празници ќе се рестартира работата на Меѓуресорските работни групи, а нивната работа, е од суштинско значење за испитување на можностите за соработка меѓу институциите и бизнисите;

Веќе се работи на календар за културни настани за 2023 година во двете земји.

ПРЕС24: Неодамна изјавивте дека уставните измени се дел од стратешкиот пат на Македонија кон ЕУ и практично тие се интерес за кој е потребен национален консензус. Тоа засега е невозможно, барем според јавните ставови на опозицијата, но и на дел од владините коалициони партнери. Како мислите дека може да се дојде до тој национален консензус?

ОСМАНИ: Нема ништо спорно во Уставните измени со кои само ќе се потврди мултиетничкиот карактер на државата. Дури и опозицијата во своите ставови не претставува дека е против внесувањето на уште трите заедници во Уставот, меѓу кои и делот од бугарскиот народ, туку повеќе посочува на загриженост дека тоа нема да бидат последни отстапки кои ќе се бараат од земјава за да можат да продолжат европските интеграции.

Од друга страна и самите пратеници, граѓаните, гласачите сѐ повеќе се свесни за стратешкиот интерес на земјата, а тоа е напредок во преговорите со Европската Унија кој не треба да биде загрозен поради дневна политичка агенда. Очекувам овој став сѐ повеќе да преовладува како ќе се доближува моментот на одлука и очекувам на крајот претставниците на граѓаните на прво место да ги стават интересите на сопствените гласачи и уставните измени да поминат.

ПРЕС24: Многумина кои анализираат го споменуваат преспанското сценарио, но логиката вели дека такво нешто е речиси невозможно да се повтори.. овде мислам на пратеници од опозицијата кои би застанале во поддршка. Но, времето брзо минува... што ќе се случи кога ќе се соочиме со ситуација да завршиме скрининг, а да немаме уставни измени?

ОСМАНИ: Во основата на парламентарната демократија е дека секој пратеник е независен и самостојно одговорен за политичките одлуки кои ги носи во Собранието. Во неформалните разговори самите пратеници и од опозицијата изразуваат личен став дека уставните измени не се воопшто спорни. Не треба да се алудира на никакви сценарија ако секој пратеник самостојно размислува за одлуките кои ги носи.

Гласањето против уставните измени значи игнорирање на обврските кои ги презела државата и со тоа, по завршувањето на скринингот, буквално по автоматизам ќе бидат блокирани преговорите.

Во обратната ситуација, донесувањето на уставните измени по автоматизам ги продолжува нашите преговори и по завршување на скринигот, без за тоа повторно да се бара консензус од Советот на ЕУ. Таа одлука е веќе донесена од страна на Советот, и само се очекува Комисијата да констатира дека условот за уставните измени е задоволен и по автоматизам преговрите продолжуваат. Тоа создава ситуација на јасна одговорност пред секој пратеник и не само што нема ништо спорно, туку би било многу неодговорно доколку за тоа не се разговара посебно со секој од нив.

ПРЕС24: На една друга тема, поврзана со безбедноста како резултат на војната во Украина. Можеби прашањето е хипотетичко, но сепак има доста сомнежи дека дојавите за бомби во училиштата и во институциите можат да се поврзат со некаква хибридна војна на страв, особено ако се земе предвид дека такви случаи има и во други земји во регионот. Прашањето ми е повеќе околу тоа зошто се уште немаме никаков резултат од овие истраги?

ОСМАНИ: Истрагите ги водат безбедносните служби и верувам дека тие вложуваат максимални напори за да откријат можни сторители. Проблемот на хибридните, особено во делот на сајбер заканите е токму тоа, што се прават дигитално, до компјутер кој може да се наоѓа било каде на планетата, и многу е тешко да се идентификуваат сторителите.

Сепак, во еден поширок контекст, станува политички очигледно дека не се работи за изолирани случаи, туку еден вид патерн кој се повторува во повеќе земји. Овие предизвици се предмет и на меѓународни истраги, во центрите за справување со хибридни закани на ЕУ, НАТО инт., и верувам дека не само што набрзо ќе почнат да се идентификуваат сторителите, туку ќе се најде и поврзаноста на овие случаи кај поголемиот број сојузници.

ПРЕС24: Највата на амбасадата на САД дека доаѓааат истражители за корупција и криминал некако ја возбуди јавноста. Дали ова е сигнал дека Македонија, власта е немоќна да се справи со корупицијата?

ОСМАНИ: На 2ри јуни лично ја предводев Владината делегација во Стејт департментот во Вашингтон каде се одржа Стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД. Една од главните точки каде утврдивме предмет на соработка беше владеењето на правото и борбата против корупцијата за што утврдивме поддршка од страна на САД. Многу наскоро, како дел од Стратешкиот дијалог САД најавија зголемување на финансиската поддршка во оваа област за нои над четири милиони долари, а во предлогот акциски план за имплементацијата на Стратешкиот дијалог со САД, кој на предлог на МНР наскоро ќе се најде на Владина седница, соработката и поддршката од САД за владеењето на правото и справувањето со корупција е прва точка.

Можеби некому дојде нагло, но ние ова го очекувавме, па дури и го најавувавме и верувам дека државата од ова може да излезе само посилна. Точно е дека имаме потешкотии да се справиме со корупцијата, и не само што не е срамота, туку е одговорно за тоа да се побара помош од пријателите и сојузниците. САД е најсилната држава на светот и од верувам дека поддршката во справувањето со криминалот и корупцијата ќе биде успешна и ефикасна.

ПРЕС24: Кога ќе се видат јавните ставови на најголем дел од политичките актерии, сите ја поздравуваат оваа активност на САД. Тоа е малку контрадикторно... За кого тогаш доаѓаат овие тимови, ако нема политички субјект што тоа не го поздравува?

ОСМАНИ: САД и формално се наш стратешки партнер од 2008 година, а од јуни годинава, ова партнерство го надградивме и со Стратешкиот дијалог меѓу двете земји. Уште повеќе, САД се искрени пријатели на земјава уште од нејзината независност, и често повторувам дека во сѐ позитивно што ѝ се има случено на земјава, може да се најде присуството, учеството и поддршката од САД.

Важно е што оваа поддршка е прифатена практично од сите релевантни политички групи; тоа само по себе ѝ дава ветер во грб на борбата против корупцијата.

11.12.2022 - 10:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега