Бугарската потпретседателка во Охрид: Правата на македонските Бугари да бидат вметнати во Уставот

Бугарските институции ќе продолжат да работат на заштита на правата на Бугарите во Република Северна Македонија, изјави бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која денеска се наоѓа во посета на Охрид. Таа рече дека Бугарија ќе продолжи да инсистира до европските институции дека не може да каже „да“ за членството на Скопје во ЕУ додека не се регулираат односите со Бугарите во Северна Македонија.

„Кога зборуваме за гаранции, овие гаранции не можат да бидат усни, така што за нас најсериозните гаранции ќе бидат гаранциите на македонските Бугари во Уставот на Република Северна Македонија“, рече Јотова.

Како услови за тргање на ветото, Јотова ја спомена и неопходноста за договор на мешовитата историска комисија и измени во македонските учебници, а зборуваше и за оштетување на бугарски споменици во Македонија. Еден од условите, рече Јотова, е и отворањето на архивите за случаите со лицата кои покажале бугарска самосвест.

Според неа, Бугарите во Македонија виделе гаранции за нивна заштита во лицето на бугарската држава.

Јотова рече дека претставниците на бугарската заедница и’ укажале на неправилности во спроведувањето на пописот. Според податоците, 3.504 лица се Бугари во Република Северна Македонија.

„Првпат разбирам дека оваа мала бројка доаѓа од тоа што на одредени места, кога се изјаснуваат за бугарско потекло, властите однапред побарале прикажување на бугарски документи, кои не постојат како услов“, изјави Јотова.

Прашана за македонското малцинство во Бугарија, Јотова повтори дека во бугарскиот Устав нема малцинства.

„Ние немаме малцинства во нашата земја, тоа така стои во законот“, рече Јотова додавајќи дека Стразбур никогаш не напишал дека Бугарија треба да го признае македонското малцинство, туку пресудите што се цитираат се за човековите права.

Потпретседателката Илијана Јотова го посети Охрид на отворањето на канцеларијата на Здружението за толеранција и соработка „Хоризонти“ во градот. Таа вчера заедно со бугарскиот премиер Петков и министерката за надворешни работи беше во Битола на отворање на клуб на Културниот центар „Ванчо Михајлов“.

 

17.04.2022 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега