Бугарија сè уште официјално не го известила македонското Министерство за надворешни работи дека го прифаќа барањето за билатерална средба меѓу шефовите на дипломатиите Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, иако бугарското МНР преку медиумите веќе сигнализира дека разговор е можен.
Средбата ја побара македонската страна по советот што претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен му го дала на премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Скопје. Идејата е двајцата министри да разговараат на маргините на меѓународната конференција за Коридорот 8, што на 8 октомври ќе се одржи во Софија.
Додека од Скопје велат дека формален одговор на испратеното барање сè уште нема, бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека во рамки на форумот „ќе има можност“ за билатерална средба и дека таквиот разговор би бил дел од редовниот дијалог меѓу двете земји.
Дел од македонските и бугарските медиуми ова го протолкуваа како практично прифаќање на средбата, иако терминот сè уште не е формално потврден.
Во моментов поверојатно е средбата да се одржи отколку да пропадне, но нема индикации дека таа би донела брз пресврт во односите меѓу Скопје и Софија.
Атмосферата меѓу двете земји останува затегната. Скопје бара посилен ангажман од Брисел и гаранции дека евроинтегративниот процес нема повторно да биде оптоварен со нови билатерални барања, додека Софија останува на ставот дека условите за продолжување на македонските преговори се веќе утврдени и дека првиот чекор остануваат уставните измени.
Евентуалната средба во Софија затоа повеќе се гледа како обид за повторно воспоставување директна политичка комуникација, отколку како разговор од кој веднаш би произлегло решение за спорот меѓу двете земји.

