Безживотните тела на возрасен брачен пар биле пронајдени во четвртокот попладне во стан на улицата „Грчиќа Миленка“ во Белград, пренесуваат српските медиуми.
Станува збор за Д.М. (80) и неговата 73-годишна сопруга Ж.М. Влезната врата од објектот била заклучена одвнатре, а откако бравата била насилно отворена, роднините и спасувачките екипи ги откриле телата на сопружниците во една од просториите.
На местото веднаш пристигнале полициски патроли и екипа на Итната медицинска помош, која единствено можела да констатира смрт кај двете лица.
Според првичните наоди од увидот и проценките на форензичарите, на телата не биле забележани видливи траги на насилство што би укажале на кривично дело или вмешаност на трето лице.
За случајот е известен дежурниот јавен обвинител, по чија наредба телата се пренесени во Институтот за судска медицина. Преку обдукција и токсиколошки анализи треба прецизно да се утврди дали смртта настапила од природни причини или станува збор за евентуално труење со гас.
Полициската истрага за утврдување на сите околности е во тек.


