Close Menu
    Најново

    Божикно интервју со Митрополит Пимен: До промени не се доаѓа преку промена на личности, туку преку внатрешната промената на личноста

    06.01.2026 во 11:00

    Орбан: Унгарија нема да ја напушти ЕУ, Унијата ќе се распадне сама

    06.01.2026 во 10:42

    Нов штрајк во Лувр: најпосетуваниот музеј во светот делумно затворен

    06.01.2026 во 10:24
    Facebook X (Twitter) Instagram
    Актуелно
    • Божикно интервју со Митрополит Пимен: До промени не се доаѓа преку промена на личности, туку преку внатрешната промената на личноста
    • Орбан: Унгарија нема да ја напушти ЕУ, Унијата ќе се распадне сама
    • Нов штрајк во Лувр: најпосетуваниот музеј во светот делумно затворен
    • Венецуелската опозициска лидерка го пофали Трамп: Фала што го уапси Мадуро – слободата е близу
    • Денеска и утре не се очекуваат блокади на граничниот премин Евзони кон нашата земја
    • Сите вечер си седат дома: Каде и да си за Бадник дома да си
    • Бадник – обичаи и традиција
    • Бадникови поворки во повеќе од 80 градови низ земјава и во дијаспората
    • Најново
    • Популарно
    • Facebook
    • Twitter
    • Instagram
    Press24Press24
    • Насловна
    • Македонија
      • Политика
      • Скопје
      • Црна хроника
    • Бизнис
    • Свет
      • Регион
    • Забава
    • Спорт
    • Технологија
    • Интервју
    Press24Press24
    Home » Божикно интервју со Митрополит Пимен: До промени не се доаѓа преку промена на личности, туку преку внатрешната промената на личноста

    Божикно интервју со Митрополит Пимен: До промени не се доаѓа преку промена на личности, туку преку внатрешната промената на личноста

    06.01.2026 во 11:00
    Сподели
    Facebook Twitter LinkedIn Pinterest Email

    Божикно интервју: Пимен- Митрополит Европски (МПЦ-ОА)

    Европската епархија на МПЦ-ОА, беше една од најктивните во изминатава 2025 година, каде верниците во Европа се органзираа околу помош за настраданите во кочанската трагедија. Каде завршија собраните средства, како се распределени, во божикното интервју за Прес 24, зборува надлежниот митрополит Пимен.

    -Со Супорт Кочани бевме во постојан контакт за да ни посочуваат кога и за што има потреба најоптимално да се распоредуваат тие средства. Исто така беа остварени и неколку средби со претставници од здравствениот дом од Кочани. Така се случи првата погоре спомната донација од 40.000 евра за комресивна облека. Со оделот за физиотерапија од ЗД Кочани и Пониква договоривме дел од средствата да бидат употребени за набавка на апарати за физикална терапија кои ќе се употребуваат при рехабилитацијата на повредените, што и беше направено на 10.11.2025 г. и се употребија за таа набавка вторите 44.775,66 евра од нашиот фонд. Останатите 41.100 евра беа распоредени на сите оние 137 лица кои се на списокот за приматели на финансиска помош преку Супорт Кочани. Откако беа потпишани договорите со Супорт, уплатата е извршена на ден 24.12.2025 г. На овој список од 137 приматели има неколку семејства на погинати младинци, повредени со различни степени на повреди и 19 лица кај кои опоравувањето ќе биде долго и прилично скапо. Поради тоа како фонд одлучивме, оние средства што дополнително беа собрани од добротворниот концерт на Каролина Гочева што се случи во јуни месец во Мајнц, на прославата по повод јубилејот од 10 години од осветувањето на храмот “Свети Никола” во Мајнц, (станува збор за 6.000 евра) и дополнителни преостанати 4.340 евра, рамноправно да им се разделат на овие 19 повредени, вели отец Пимен.

    Митрополитот на МПЦ-ОА во интервјуто зборува за предизвиците со кои се соочува МПЦ-ОА, особено на планот на растот на вештачката интелегенција. Зборува и за внатрешните состојби во МПЦ-ОА.

    Зошто повеќе не е активен на социјалните мрежи. Дали МПЦ-ОА ги гиби младите. Отец Пимен е дел од владиците кои сметаат дека процесот на признавање на автокефалноста не е целосно завршен, па во интервјуто зборува и за плаонвите на Црквата за ова прашање, како и за обвинувањата за руско влијание.

    -Стратегијата е јасна, ќе се чекори по патот до конечното решавање на статусот со сите православни Цркви. Нашата комисија за разговори и преговори со останатите православни цркви во овој момент е возглавена лично од нашиот поглавар, Архиепископот Стефан на кого му веруваме и му даваме безрезервна поддршка во изнаоѓањето на конечно решение. Тука сме и да го заштитиме при одлуките за отфрлање на непристојни предлози со кои би си наштетиле како Црква, вели митрополитот Пимен, во божикното интервју за Прес 24.

    ПРЕС24: Помина уште една година, црковно не, но граѓански да. Во епархијата што ја водите одбележавте и значајни јубилеи. Како гледате на оваа измината година?

    М.ПИМЕН: Најпрвин би сакал, на овој убав празничен ден, на сиот верен народ во Христа да им го објавам раѓањето на Богомладенецот Христос, Кој смирено се симна на земјата, за да ние можеме преку Него да се искачиме на Небесата.Христос се роди! Календарската 2025та година е веќе зад нас, а верувам дека за една недела откако ќе го прославиме Рождеството Христово, ќе бидеме здрави и живи да ја дочекаме торжествено и Новата година по јулианскиот календар, или како што народски си ја нарекуваме Стара Нова година. Тука треба да се напомене дека не станува збор за почеток на црковната година, бидејќи тоа е посебен празник во Црквата Христова во кој си спомнуваме за Христовото излегување на проповед, си спомнуваме и го празнуваме денот кога Нашиот Господ Бог Исус Христос влегува во синагогата во Назарет и ја отвори книгата на Пророкот Исаија и ги прочита зборовите: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза за да им благовестам на бедните, Ме испрати да лекувам скрушени по срце, да им проповедам на заробените отпуштање и на слепите прогледување; да ја проповедам благопријатната Господова година и денот за одмазда на нашиот Бог“. (Исаија 1 – 2). Овој празник е востановен на Првиот Вселенски собор во 325-та година. Во годинава зад нас, најпрвин го славевме овој голем и значаен јубилеј од 1700 години. Јубилеј значаен за секој еден човек кој верува во Бог Света Троица и се крстил во името на Отецот и Синот и Светиот дух. Потоа како МПЦ-ОА си спомнавме и за еден многу значаен јубилеј од 80 години од првиот црковно народен собир во Скопје одржан во 1945 година и се помоливме за сите оние учесници на собирот кои ги донеле одлуките кои го трасирале патот за возобновување на нашата Света Црква и со тао нѐ задолжиле да ја чуваме нашата Црква како жива заедница на живи и конкретни личности. Како Европска Епархија на МПЦ-ОА пак, се радувавме на 40 годишнината од купувањето на старата црква во МПЦО “Свети Наум Охридски” во Малме Шведска, 40 години од формирањето на МПЦО “Свети Спас” во Лаацен Ханофер Германија, на 35 годишниот јубилеј од формирање на МПЦО “Свети Кирил и Методиј” во Дортмунд Германија, 30 години Црковна опшина “Св.  Јоаким Осоговски” во Пука Хрватска, 30 години од регитрирањето на Црковните општини во Словенија, на 20 годишниот јубилеј на МПЦО “Св. Архангел Михаил” во Неиве Италија, на 10 годишнината  од осветувањето на новоизградениот храм во МПЦО “Свети Никола” во Мајнц Германија, 5 години од формирањето на МПЦО “Св. Ап. Павле” Триер Германија. Во минатата година се радувавме и на личните јубилеи на двајца наши свештеници. На 40 годишниот јубилеј од поставувањето на отец Бложо Кожарски за парох во Малме и 20 годишнината на отец Михајло Матевски како парох во Неиве. Си спомнавме и за 20 годишнината од мојата хиротонија, од мојата лична Педесетница за епископ на Црквата Христова. И после набројувањето на сите овие јубилеи, на годинава која е зад нас, гледам со благодарност кон Бога што нѐ удостоил да влеземе во радоста на овие чествувања  преку чувањето на аманетот на нашите претци. Некој можеби и ќе се насмее на бројките кои ги спомнавме, но сепак ние сме релативно нова епархија и сѐ радуваме и на најмалите јубилеи, бидејќи знаеме дека и патот од илјада миљи започнува со еден чекор.

    ПРЕС24: За овие 20 години, како што сте архијереј на МПЦ ОА, се чини дека Европската епархија стана најорганизираната во дијаспората. Проблеми веројатно има, но постои ли модел за да може да се одржува единството меѓу различните карактери, нешто што вообичаено им се случува како предизвик на голем број црковни јуриздикции кога е дијаспората во прашање?

    М.ПИМЕН: Навистина, во текот на овие 20 години зад мене, забележителна е промената на организациски план на Европската еперхија на МПЦ-ОА. Секако дека цел овој духовен препород што се случи на Европското тло, не може да ми се препише лично мене. Епархијата и поедини црковни општини постоеја и пред моето доаѓање. Не почнавме од нула. Си спомнуваме на заслугите на упокоениот митрополит Горазд кој беше првиот архиереј на оваа епархија. Оној духовен препород на Македонецот кој се случи во Македонија после независноста во 90-тите години, се одрази и во дијаспората и тогаш се формираа повеќето Црковни општини. Во меѓувреме, пресудно беше ангажирањето на нашата втора и трета генерација од иселениците кои ги заменија нивните родители и дедовци кои биле основачи на многу од црковните опшини. Со тоа почнаа да се создаваат услови по општините за поставување на редовни парохиски свештеници и бројката од 4-5 редовни свештеници во епархијата, во овие 20 години стигна до 27 и двајца веќе пензионирани свештеници. Се тоа веќе ја олеснува и мојата мисија, а свештенството со своите идеи и заложби на терен сериозно помага во новата устроеност на епархијата. Но, со последните бранови на иселување низ црквите во Европа ни се придружија и голем број оцрковени личности што влијае на литургискиот живот на црквите.

    И кога се знае поставеноста епископ, свештеник, верен народ лесно е да се одржува балансот и мирот. Некогаш можеби и ќе искрсне некој ситен проблем и недоразбирање, но секогаш бил во различниот концептот за развој, а не на ниво на кавга на личности. Со седнување и искрен разговор се надминувале недоразбирањата секогаш и секаде. Сепак сите имаме заедничка вера, мисла и воља да направиме најмногу што можеме за црквата, а преку црквата и за нашиот верен народ. Слава Му на Бога, засега нерешлив проблем имаме само еден во Пјаценца Италија. Нерешлив е затоа што на другата страна имаме луѓе кои наместо вера имаат свои интереси. Квази патриотизмот го употребуваат како изговор за раскол, но сепак сме луѓе од терен и сѐ знаеме меѓусебно. Сепак почнуваме да живееме во времиња за кои и самиот Христос збирува: “Дури ќе дојде време, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека Му принесува служба на Бога.” (Јован. 16, 2), па ние уште и лесно минуваме, само со клевети и закани. Имаше можност овој спор и судски да го решаваме, но нели е срамно верници да се судат пред државни власти и тоа туѓи за нас? Од друга страна знам дека кога ќе ги снема заштедените пари од верниот народ во Пјаченца, мачно собирани 20 години наназад кои ги узурпира самопроглесениот “патриотски” одбор, ќе го снема и проблемот. Патриотизмот е благословен од Бога само кога искрено се сака сопствениот народ, а не кога во тоа име се измислуваат непријатели, предавници и можност преку тоа за отворање на приватни цркви. Модел за да може да се одржува единството меѓу различните карактери, би рекол дека единствено е прифаќањето на ерархиската поставеност, но таа поставеност да не се базира на демострација на сила и моќ, туку на отвореност и љубов во Христа. Светиот апостол Павле нѐ советува да бидеме во мир со сите, но доколку тоа зависи од нас. До оној до кого ни самиот Господ Бог не допрел, не можам ни јас да допрам. Но, во таков случај се молиме како црква за таквиот, Бог да го вразуму за да се реши проблемот. Се молиме, но не колнеме, бидејќи од еден извор не може да тече и слатка и горка вода.

    ПРЕС24: 2025 година беше трагична за Македонија. Почетните денови од трагедијата во Кочани ја исфрли на површина институционалната црковна неорганизираност. Се сеќавате на тие моменти, кога луѓето од Црквата ги снема?

    М.ПИМЕН: За жал 2025 година и покрај сите други убави нешта кои ја одбележаа, во меморијата на Македонецот засекогаш ќе биде запамтена по она кобно утро од 16 март. Таа трагична вест го парализираше целото општество. Секоја чест на поединци кои во клучните моменти останаа присебни што беше пресудно да се одржат многу повредени деца во живот. И ден денес не би знаел како во тој момент требаше институционално да постапиме, но во секој случај се согласувам со Вашата констатација дека можевме многу повеќе да направиме. Но во секој случај, ако институционално не се снајдовме со брза и корисна реакција, мораме да пофалиме мноштво на поединци од црковната ерархија кои бае вклучени и на терен скротувајќи го насобраниот народен бес, но и со отвореноста да го чујат својот духовен отец за утеха во било кое време. Трети, освен дел од локалното свештенство што бдееше со родителите и ближните пред болниците, би го спомнал и свештенството и дел од верниот народ од мојата епархија кое беа логистички вклучени, нудејќи се, заедно со придружбата на повредените да им помогне со прифаќањето, ако требаше негде и со превоз, со контакти и преводи со медицинскиот персонал. Во некои случаи и со парична помош и покрај тоа што владата сѐ тоа одлично го имаше организирано и финансиски покриено.

    Но сепак повредени имаше многу, а дипломатско конзуларни претставништва имаме малку. Можеби во тие моменти се остави впечаток дека нѐ снема како институција, но верувам и дека кај повредените и нивните ближни, подоцна преку отвореноста кон нив за помош и контакт до ден денес не останала истата слика.

    ПРЕС24: Но и покрај тоа, Европската епархија покрена една голема хумана акција за помош. Што се случи со тоа?

    М.ПИМЕН: Да, уште истиот ден на литургиите во сите наши храмови низ Европската епархија почнаа хуманитарните акции за собирање на средства за помош на настраданите и повредените. И не застана тоа само на еднодневна  акција, туку траеше со недели и месеци. Одзивот беше фасцинантен. Секој со секого сочуствуваше, секој беше желен да помогне. Имавме општини каде што доминантното емиграција е од тие краишта, кои имаа повредени роднини, пријатели, другари, па беа штедри во давањето. Тука би ја спомнал црковната општина од Неиве, која покрај финансиската акција организираше и комеморација на која присуствуваа и неколкумина градоначалници од соседните градови на Неиве. Во сите тие денови во оваа опшина беа собрани 40. 000 евра кои преку Супорт Кочани беа донирани за првата набавка на компресивна облека и завои за повредените. Другите црковни опшини во акциите собраа суми од 15.000 евра, до 200-300 евра во некои општини поради малиот број на парохијалци кои гравитираат кон тие општини. Но сепак кога ќе се собере сѐ тоа на едно место и оние средства кои се предадени лично на рака за време на лекувањата или преку Црвениот крст и уплатата на здружението 16ти март е сериозен фонд, па така заедно со тие средства од Неиве се собраа 169.045,62 евра.

    Тогаш се исправивме пред прашањето како да стигнат овие средства онаму каде што е најпотребно, па одлучивме сите средства да се соберат во еден заеднички фонд и не во еден ден, за да се избегнат непотребните банкарски провизии, тука како ќе се наоѓа начин парите да стигнат во канцеларијата во Скопје. Тоа траеше неколку месеци, но и не се брзавме бидејќи знаевме дека битката ќе биде долга, а до тогаш и ќе се дефинира кому и зошто тие средства ќе му бидат најпотребни.

    ПРЕС24: Имаше различни информации во јавноста за тоа дали е доставена помошта и во која форма? Што се последните детали?

    М.ПИМЕН: Со Супорт Кочани бевме во постојан контакт за да ни посочуваат кога и за што има потреба најоптимално да се распоредуваат тие средства. Исто така беа остварени и неколку средби со претставници од здравствениот дом од Кочани. Така се случи првата погоре спомната донација од 40.000 евра за комресивна облека. Со оделот за физиотерапија од ЗД Кочани и Пониква договоривме дел од средствата да бидат употребени за набавка на апарати за физикална терапија кои ќе се употребуваат при рехабилитацијата на повредените, што и беше направено на 10.11.2025 г. и се употребија за таа набавка вторите 44.775,66 евра од нашиот фонд. Останатите 41.100 евра беа распоредени на сите оние 137 лица кои се на списокот за приматели на финансиска помош преку Супорт Кочани. Откако беа потпишани договорите со Супорт, уплатата е извршена на ден 24.12.2025 г. На овој список од 137 приматели има неколку семејства на погинати младинци, повредени со различни степени на повреди и 19 лица кај кои опоравувањето ќе биде долго и прилично скапо. Поради тоа како фонд одлучивме, оние средства што дополнително беа собрани од добротворниот концерт на Каролина Гочева што се случи во јуни месец во Мајнц, на прославата по повод јубилејот од 10 години од осветувањето на храмот “Свети Никола” во Мајнц, (станува збор за 6.000 евра) и дополнителни преостанати 4.340 евра, рамноправно да им се разделат на овие 19 повредени. Сума од 27.829 евра беа распоредени како што споменав дирекно на некои од семејствата кои беа во придружба на своите деца низ европските болници. И 5.000 евра се донирани директно од МПЦО Дортмунд на здружението 16 март. Така стигаме до онаа бројка од 169.045,62 евра или 10 405 292, 87 денари. Би споменал и тоа дека сите што помогнаа, добро знаеме како луѓе од Црква за правилото дека лавата рака не треба да знае што дава десната (Мат. 6,3), како би се заштитиле од пофалби и гордост, но при вакви суми мора да се има и отчетност како би се отфрлиле сите сомнежи дека и едно единствено евро е злоупотребено, особено ако се знае фактот дека неколку пати бевме прозвани и јавно да дадеме отчет. Сега кога сите средства се транспарентно распоредени, верувам дека доколку има потреба од дополнителна помош за лекување на најтешко повредените би имало воља кај нашинците повторно да се организираме и да собереме она што е потребно.

    ПРЕС24: Ако ја анализираме оваа година низ призма на улогата на МПЦ ОА и нејзината општествена одговорност, дали 2025 беше подобра од претходната?

    М.ПИМЕН: Искрено не сум правел такви годишни анализи за општествената одговорност на МПЦ низ годиниве наназад, па така не би можел ни да одговорам на ова прашање. Но, ако ги земеме во обзир погорните одговори, лесно ќе констатираме дека 2025 можеби е една од најопштествено одгпворните години на нашата црква. Сепак сите епархии заеднички ја градиме МПЦ-ОА под мудрото водство на нашиот Архиепископ.

    ПРЕС24: На црковен план МПЦ ОА останува во статус кво состојба во однос на позициите во Православниот свет. Автокефалноста се сведува на сослужување со два тројца владици на СПЦ, исто толку со БПЦ, по еден владика од грчката и црквата на Чешка и Словачка. Има ли МПЦ ОА јасна стратегија што понатаму?

    М.ПИМЕН: Свесни сме дека процесот на признавање е почнат и функционира на терен, но не и целосно завршен. Но, не по наша вина. Тоа е поради нерешеното прашање на православната екумена кој кого и како признава. Отворено прашање, отворен проблем. Пред ден два добив прашање колку Томоси ни требаат. На погрешно место беше поставено прашањето. Тоа не се прашува оној кој добива Томос, туку за тоа треба да се договорат оние кои даваат, нели? Но, сепак убаво е тоа што веќе сослужуваме скоро насекаде, па ја сведочиме живоста на нашата црква каде што гостуваме, а кога имаме гости во преполните цркви ја покажуваме и ја сведочиме  и оправданоста на нашето засебно постоење како една од помесните цркви. Стратегијата е јасна, ќе се чекори по патот до конечното решавање на статусот со сите православни Цркви. Нашата комисија за разговори и преговори со останатите православни цркви во овој момент е возглавена лично од нашиот поглавар, Архиепископот Стефан на кого му веруваме и му даваме безрезервна поддршка во изнаоѓањето на конечно решение. Тука сме и да го заштитиме при одлуките за отфрлање на непристојни предлози со кои би си наштетиле како Црква. Исто така и нашиот митрополит Петар како претседател на отсекот за односи со останатите православни цркви, не седи со скрстени раце. Често патува. Па така и преку комисијата и преку отсекот постојано се остваруваат нови и нови средби и се црпат нови сознанија и искуства.

    ПРЕС24: Имаше доста сериозно обинувања за големо руско влијание во МПЦ ОА, како Синод зборувате на тие теми?

    М.ПИМЕН: Јавна тајна е дека кај дел од верниот народ на нашата црква имало и ќе има симпатии кон Руската православна црква како славјанска црква, како чувар на православието со својата големина. И тоа не може да му се одземе на тие луѓе. Искрено јас не сум го забележал на терен толку руското влијание. На пример не сум видел некоја расфрлана руска литература на терен, вложување во преводи на нивни црковни дела, распространетост на нивна црковна музика, филмови… Во еден период се нудеа, до душа, стипендии на наши студенти, за студирање во Русија, но последниве години и тоа се стиша. Одтука и немало потреба оваа тема за некакво руско влијание да биде отворена на синодска седница.

    ПРЕС24: Имате ли контакти со владиците на Вселенската патријаршија во Европа?

    М.ПИМЕН: Со оглед на тоа што не сум член на преговарачката комисија на МПЦ-ОА, немам ни обврски да остварувам средби. Но, човечки за да се претставам, за да се запознаеме кога имам прилика остварувам протоколарни средби. Се сретнав со патријаршискиот митрополит Атинагорас во Брисел. Средба која заврши со констатација дека ние лично ништо не одлучуваме и не прегавараме, туку остануваме пријатели кои ќе го спроведат на терен она што во иднина би го договориле двата Синоди. Неколку средби остварив годинава при посетата на Рим за погребот на Папата, а потоа и на интронизацијата на новиот Папа. Со еден од нив се испостави дека се знаеме од студенските денови на Свети Сергеј во Париз.

    ПРЕС24: Годината што измина беше година на сриозен скок на вештачката интелегенција. Некои ќе рече не е тоа работа на Црквата, но православните цркви веќе зборуваат на оваа тема. Какво е Вашето мислење, што треба да прави МПЦ ОА во поглед на овој предизвик?

    М.ПИМЕН: И тоа како е работа на Црквата да се потруди да ги испита и придобивките од оваа алатка, но и негативностите кои се појавуваат од неа. Секако најлесно е во стил на средновековната инквизиција да ја прогласиме и оваа алатка за ѓаволска измислица и да ја забраниме. Но, тоа може да предизвика само  нејзина дополнителна реклама. Затоа велам дека Црквата е должна да ја проучи и да даде насоки како да ја користиме и да укаже на проблемот дека во целата таа комуникација со неа постојат замки од затворање на тој виртуелен свет, дека при тоа можеме да загубиме контакти со реалните личности со кои секојдневно сме разговарале, сме си отварале душа. Како заробеници на болестите на 21 виот век, осаменоста и празноста на душата и безидејноста да нѐ втурнат во зависноста од неа, и да завршиме во целосна изолација од општеството. Сепак тоа е само брз и добро набилдан алгоритам со податоци, но не и со емоции и чувства. И најлошиот собеседник е секогаш покорисен од бездушниот, виртуелниот. Нашата интима ја отвораме пред ВИ затоа што знаеме дека нема да се сретнеме со неа лице в лице за да не се шири муабетот за нас преку сомнежот во реалниот соговорникот, а всушност само го полниме тој алгоритам, за кој не можеме да бидеме сигурни дека утре не може да се активира за да ни напакости? На страна сите оние креирани видеа со наш лик и глас кои може да нѐ искомпромитираат и стават на потсмев. Накратко, посреќно ли живееме денес од нашите претци кои поретко и потешко доаѓаа до информации, или оние уште подалечните кои не ги интересирало што се случува во Тајван, Судан или Венецуела? Постарите генерации ќе потврдат дека потешко стекнатите информации и знаења ги чувавме како скапоценост. Денес сѐ е лесно достапно, па затоа и не меморираме информации туку само паметиме тагови. Почетната идеја на роботиката беше на човекот да му се олесни физичката работа, за да може да се посвети повеќе на уметноста, на душевното и духовноста, а испадна само физичката остана за човекот, затоа што ВИ веќе мисли за нас и за пишување пораки, писма, песни, книги, а ние уште готвиме, миеме, копаме дворови.

    ПРЕС24: Ги губи ли мпц оа младите ?

    М.ПИМЕН: Не би рекол. Особено не, затоа што денес се млади децата на оние што се оцрковуваа во 90тите години, кои потоа своите деца ги пораснаа во црквата и ги научија на лутургиски живот. Некои од нив во адолесцентниот период, колку да се оддалечат од Бога и од Црквата, точно знаат кај да се вратат. Дополнително што тие деца се апостоли меѓу своите генерации и сведочат за постоењето на Бога и со тоа ја омасовуваат црквата уште повеќе. Можеби, одредени епархии го чувствуваат тоа губење на младите, но тие не се изгубени, само се раселени. Полните храмови низ нашата епархија се потврда на тоа дека тука ни е младината.

    ПРЕС24: Црквата честопати е на критика кога е гласна за некои прашања. Дали таа не е разбрана кога зборува за своите изворни учења, (тука мислам на семејството, бракот, родовата идеологија, образованието) или пак нејзините настапи во јавноста за одредени теми се несоодветно подготвувани?

    М.ПИМЕН: Црквата треба де е совест на општеството. И покрај тоа што е повикана да е секогаш современа, сепак тоа осовременување не  може да биде на секој план. На пример осовременување на догмите и каноните кои произлегуваат од догматското учење не е дозволено. И тука никој не смее да бара попустливост и компромис од нас. Дали тој став некому смета треба да е ирелевантно, како што за нас е ирелевантен нивниот прогресивен став. Непринципиелно е од страна на некои организации да се бара наше замолчување затоа што имаме спротивставени ставови повиќувајки се на секуларниот карактер на нашата држава. Ние не се бориме против нив, само го чуваме, изнесуваме јавно и браниме нашето учење. На крајот на краиштата, имам право сепак повеќе им верувам на светите отци на Црквата кои со крв и дух запечатено и потврдено, ни го оставиле тоа учење низ вековите, отколку на оној “освестениот и прогресивениот” што своите ставови ги промовира со веење чудни знамиња. Слободата ни е дар од Бога, па нека си ја употребува секој како што знае. Љуѓето дури можат да ја употребат својата слобода во борбата за отстрел против Бога, Црквата, клирот на Црквата и верниот народ, веројатно поради тоа што некои наши делувања и појавувања во јавноста се лошо протолкувани. Како и да е, ја имаат својата слобода и преку неа единствено што не можат да ни земат и забранат е да се молиме постојано за нив и да ги љубиме.

    ПРЕС24: Пред години бевте сериозен критичар на политички текови, потоа поддржувач на некои политички процеси… сега сте политички тивок. Зошто?

    М.ПИМЕН: Некој некогаш рекол дека песимист е всушност оптимист со искуство. Да, пред повеќе од една деценија со развојот на социјалните мрежи се обидов да покажам дека црквата по дифолт не треба да е само приврзок на власта, а храмот објект во кој во изборните спотови кандидатите ќе запалат свеќа за да ја промовираат својата побожност, а пак свештенството декор при поставување камен темелници, туку непристрасен критичар на погрешни политики, морални застранувања… Правото на свое мислење и размислување во демократските општества е едно од основните човекови права. Не само на поединецот туку и на институциите. Ние како Црква не сме извршна власт, не можеме да вршиме притисок врз другите институции со закани, со протести и немаме други механизми освен да го изнесеме своето мислење и ставот на црквата по некои прашања. Тоа секако не треба да се сфаќа како лична војна кон поединци, ниту како војна против власта. Но сепак беше тоа сфатено како моја лична воља да ја рушам тогашната власт, по што следеше канонада обвинувања и дисквалификации против мене. Не отстапив под тој притисок. Отстапив во моментот кога ми се потврди правилото дека до промени не се доаѓа преку промена на личности, туку преку внатрешната промената на личноста. Власта се смени, навиките и страстите останаа исти. По промената на власта, за жал, немаше нешто да се пофали. Замолчав. Потоа почна да тоне и таа власт, па беше глупаво, од една страна на мртов волк да се вади кубура, а од друга страна пак ако пофалиш опозиција во залет ќе испадне дека се додворуваш, дека се редиш во редот за баци рака. И онака мојата епархија е надвор од Македонија, а јас сум почесто надвор отколку тука, па ниту нешто добивам, ниту губам. Мене и онака ми останува борбата со ветерниците и етикетите залепени послем плукањето, а секој друг потоа побрзо се зближува со власта и ги поминува своите проекти. До душа и модата и влијанието на ФБ се промени, а мене ми се зголемија обврските со патувањата, а и годините ми се за понестресни ситуации. Плус на сѐ ова ако се додаде дека наивно поверував дека со референдумот ја скокаме последната препрека на патот кон НАТО и ЕУ, која испадна дека само пола ја преминавме, едноставно немам кредибилитет за давање политички совети.

    ПРЕС24: Како функционира МПЦ ОА последните две три години, откако беше активирано телото за редовен и полн синодски состав?

    М.ПИМЕН: Лично според мене, во погрешен момент е донесена таа одлука за скратување на работниот состав на Синодот. Во последниве три години после прифаќањето на МПЦ-ОА во единството на православните  Цркви, мношто информации за нашето прифаќање или резервираност, именувањето од страна на другите цркви, посети или патувања на наши делегации, ние кои што не сме членови на Синодот сега ги дознаваме од медиумите. А од друга страна сме веќе многу архиереи и неколку викарни епископи и едноставно нема кај да се собереме сите, да се видиме, да се помуабетиме, да споделиме информации. Но сепак, пак ќе речам тоа е лично мое мислење, а одлуката ја донело мнозинството и се повинувам на таа одлука и ја почитувам.

    ПРЕС24: Чинам дека има една парадоксална ситуација во Црквата изминативе три години. На пример се случи големото обединување со ПОА, само по себе тоа е меѓусебно простување. Дел од тие луѓе напредуваат, учествуваат во градењето на црквата, имаат епархии, но од друга страна, МПЦ ОА не успева да реши други прашања кои остануваат отворени, на пример статусот на Архимандритот Гаврил, статусот на одредени свештеници кои беа под удар на некои владици. Не е ли тажно на условно туѓите да им дадете простор, а на оние своите, кои во најтешките години за црквата го носеа крстот, да вежбате демократија?

    М.ПИМЕН: Ова размислување не го слушам првпат. Некогаш од загрижени верници кои сострадуваат со своите духовници, а некогаш чисто на мајтап од луѓе кои и не се нешто многу врзани со црквата, но ете впечатокот стигнал и до нив. Не би сакал да споменуваме конкретни личности да не се најде некој заборавен, а некој спомнат за пример, но сепак после големото помирување, како што велите, треба по истиот пример на подавање рака да ги решиме и некои други случаи во нашите редови за да не се почуствуваат отфрлени или заборавени. Не треба секогаш да има трета страна за да нѐ седне на иста маса и да не убеди да си подадеме рака на помирување и сѐ да си простиме и заборавиме. Убаво е тоа, Христијански, не само да се подаде рака туку и да се заврти и другиот образ. И да се продолжи заедно за доброто на Црквата. Некогаш таа трета страна не мора да е од надвор, тука она што ќе нѐ натера да си простиме и да продолжиме одвнатре да е љубовта на која сме повикани од Христа. Верувам, дека личностите кои покажаа смирение и не реагираа по истово прашање со револт, ќе бидат наградени за смирението. Тука секако мислам на оние кои не се огрешиле суштински, догматски и канонски кон Црката, туку едноставно биле само наклеветени неправедно и се избрзало со постапките кон нив, а кои пак никогаш не се до крај и отстранети од клирот и Црквата, туку во смирение си ги исполнуваат послушанието кон Архиепископот, надлежните архиереи и кон верниот народ.

    ПРЕС24: Тука го имам предвид и владиката Партениј. Вие владиците како да бегате од него, како да Ви е страв да сослужувате, или по линија на помал отпор да не се замерувате со еден од владиците, работите ги ставате под тепих?

    М.ПИМЕН: Не би сакал да Ви го нарушам впечатокот, затоа што на оние заеднички сослужувања за големите прослави на МПЦ-ОА не сте нѐ виделе заедно со викарните епископи, па самото тоа го засилува впечатокот кај дел од народот дека некој има нешто против некого. Јас искрено не сакам да верувам дека тука станува збор за математики, страв или уцени. Секој од нас ја има слободата кој со кого сака и каде сака да се кани и сослужува. Немаме меѓу нас расчинет или суспендиран архиереј за да го избегнуваме на литургиите. А кога веќе сослужуваме, надвор од овие литургии во цел состав на Синодот, со викарните епископи само го потврдуваме тоа дека никој не е лепрозен и отфрлен. И никако не станува збор за линија на помал отпор.

    ПРЕС24: Архијерејската структура на црквата изминативе години доживеа голем препород. Промената донесе нови лица, голем дел од нив со докторски магистерско студии, но од друга страна интелектуалниот збор како да не постои во црквата. Се плашат ли владиците да зборуваат, да дебатираат, или комодитетот на позицијата е побитен од општествениот глас?

    М.ПИМЕН: Оној што има што да каже нема од што да се плаши, нити пак од кого да се плаши. Да се плаши архиереј да зборува слободно од народот или од своите браќа, да не речам е неразумност. Та само кога треба да му се додворуваме на народот треба да се појавуваме и да зборуваме? А сепак и јас го имам тој впечаток дека ретко нѐ има во јавноста. Во минатото некако и со многу помал број на медиуми бевме почесто застапени. Денес имам впечаток дека се потпираме само на нашите портали и ФБ страници. Убаво е тоа што ги имаме тие страници кои редовно пласираат информации од вести и настани од Црквата, но стигнуваат ли тие до недоволно информираниот верник кој е жеден за учење, дури и за дебатирање? Дополнително веројатно сме оставиле впечаток на тешко достапни личности, кои одбиваат да даваат интервјуа и изјави, па веќе не нѐ ни бараат. Ете, баш да видиме колку Божиќни интервјува и каде ќе осамнат во ова празнично утро, освен традиционалното Божикно обраќање на нашиот поглавар.

    ПРЕС24: Свсна ли е МПЦ ОА дека, сега кога канонскиот статус е признат од сите, дека нејзинот однос во Православниот свет, за многу прашања е видлив, набљудуван. Свесни ли се владиците дека сега веќе ова не е онаа, како што ја нарекуваа расколничка црква, и дека секој нејзин потег во светот на Православието се мери?

    М.ПИМЕН: Се мерел секој наш чекор уште и пред решавањето на канонскиот статус, и добро е што било и е така за да можеме да бидеме внимателни при носењето на сериозни и историски одлуки. Доколку не биле свесни владиците низ сиве овие години наназад дека се мери и следи секој наш чекор, немало ни да се стигне до сегашниов момент. Не ни падна од небо овој моментален канонски статус, туку како дар за тоа што изолацијата не сме ја употребиле за комформизам, туку во борба за влегување во тоа свето семејство на Црквите. И ако биле свесни тогаш архиереите, верувајте дека сега сме уште посвесни.

    ПРЕС24: Ќе биде ли 2026 година на нова надеж дека процесите за целосно прифаќање на нејзината автокефалност ќе добијат вистински правец?

    М.ПИМЕН: Не само 2026 година, туку и секоја нова година ќе биде нова надеж дека процесите за целосно прифаќање на нејзината автокефалност ќе добијат вистински правец. Од тоа не смееме да се откажеме, не можеме вратата да ја затвориме зад нас на сред пат. Таа мора секогаш да биде отворена за дијалог, да не би да изгориме во моменталната војната на титаните помеѓу двата концепти на православието за доделување Томос, и прашањето дали Томосот се добива од Вселенската патријаршија или од мајката црква. Христос се роди!

    Популарно

    Подгответе ги чадорите: Денеска дожд – утре снег

    06.01.2026 во 10:09

    Православните христијани го слават Бадник

    06.01.2026 во 10:06

    Киев: Русија систематски ги напаѓа американските компании во Украина

    05.01.2026 во 22:54

    Шест работи кои не треба да ги правите за Бадник

    05.01.2026 во 20:42
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Насловна
    • Најново
    • Импресум
    • Маркетинг
    Њу Медиа Комјуникејшн © 2010 | сите права заштитени

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.