Борел: Најлесниот начин за завршување на војната е Путин да ја повлече војската

Високиот претставник на ЕУ во блог на сајтот на Европската служба за надворешни работи напиша дека „Европејците секогаш ќе останат отворени за секого кој е сериозен во потрагата по решение преку преговори“ и дека тоа е клучната точка на која ќе продолжи да инсистира.

„Она што Русија го нарекува специјална воена операција не е ништо помалку туку целосна инвазија на суверена земја. Русија убива украински цивили, уништува домови, болници и централи. Тоа што се случува во Украина е очигледно кршење на Повелбата на ОН и меѓународниот поредок заснован на правила“, напиша тој.

Борел напиша дека минатата недела патувал во јужна Африка за да учествува во министерскиот дијалог ЕУ-Јужна Африка и одржал билатерални средби во Јужна Африка и Боцвана, но дека руската инвазија на Украина била високо на дневниот ред.

„Јужна Африка изгледаше како да се сложува со ставовите на Русија кога шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ја посети земјата повторувајќи ја лагата дека војната е одбрана од русофобната и фашистичка Украина и дека Европа и нејзините партнери се залагаат за воено решение, попречувајќи ги дипломатските напори“, кажа тој.

Борел додаде дека руската војна претставува закана за Европа исто колку и за Африка и за другите, иако се случува на европско тло, влијае врз целиот свет предизвикувајќи прехранбена криза која погодува милиони и дека посетата на Лавров е дел од напорите на Русија да избегне меѓународна изолација и да го прошири своето влијание во Африка.

„ЕУ не бара од Јужна Африка или кој било од нашите партнери едноставно да избере страна меѓу Русија и Западот. Она што го бараме од Јужна Африка и сите земји е да застанат на страната на принципите и вредностите на Повелбата на Он и меѓународното право“, напиша Борел.

01.02.2023 - 23:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега