Македонија се искачи на 30. место во светот според Националниот индекс за сајбер-безбедност што го изработува естонската Академија за е-управување, соопшти денеска пратеничката и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска.
Според предвидените мерења, земјата оствари скок од 29 позиции во споредба со претходното рангирање.
„Според Националниот индекс за сајбер-безбедност, кој го изработува естонска Академија за е-управување, Македонија се искачи од 59. на 30. место во светот, меѓу 155 рангирани држави и територии, со 84,17 поени од можни 100. Тоа е скок од 29 позиции. Во 2023 година, Македонија беше на 59 место, немаше сеопфатна законска рамка за сајбер-безбедност, немаше јасна институционална одговорност, немаше стратешки пристап кон заштита на критичната инфраструктура“, изјави Бојковска.
Таа додаде дека претходниот период во овој сектор се одликувал со недостиг на системски мерки и визија.
„Годините на минусната политика на претходната власт оставија држава која беше ранлива, необединета и без визија во оваа сфера, која денес е меѓу најважните за секоја модерна и одговорна држава“, истакна пратеничката.
Бојковска ги посочи донесените законски измени и стратешки документи како клучни за остварениот реформски напредок.
„Донесен е нов Закон за безбедност на мрежни и информациски системи, усвоена е Стратегија за сајбер-безбедност 2025–2028 со конкретен Акциски план. Воспоставивме механизми за национална координација и значително ги зајакнавме капацитетите за пријавување и справување со сајбер-инциденти. Ова е напредок за земјата базиран врз парнерства, јасна визија и сериозносот во спорведување на реформите“, потенцираше Бојковска.
Таа подвлече дека заштитата на дигиталниот простор и критичната инфраструктура остануваат меѓу клучните приоритети.
„Продолжуваме со спроведување на реформите, продолжуваме со градење капацитети за превенција и одговор и со продлабочување на меѓународната соработка. Безбедна дигитална држава значи безбедни јавни услуги, заштитени податоци на граѓаните и отпорна критична инфраструктура, а тоа е обврска што Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја сфаќа сериозно“, заклучи Бојковска.


