Бојкотот на матурантите засега ставен во мирување- до крајот на месецов ќе се чека одлука од Собранието

 

По 12 дена бојкот, кој го почнаа на првиот ден од второто полугодие, матурантите организирани од Сојузот на средношколци денеска се враќаат на настава. Генералното собрание на Сојузот во четвртокот донесе одлука да го стави во мирување бојкотот и да се почека Парламентот да најде решение, откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе Предлог-закон за измени и дополнување на Законот за средно образоание.

Минатата недела претставници на Сојузот имаа средби со сите пратенички групи и очекуваат дека ќе биде поддржан предлогот за измени на Законот, со што ќе се исполни нивното барања за скратување на државната матура и наместо по четири да полагаат испити по два предмета – мајчин јазик и предмет од областа која матурантот планира да ја студира.

Претседателот на Средношколски сојуз Бленди Ходаи за МИА потврди дека матурантите кои бојкотираа денеска ќе се вратат на часови. Рече дека до крајот на февруари ќе ја следаат наставата и ќе чекаат Собранието да го прифати и изгласа нивното барање, а ако тоа не се случи најави дека ќе постават шатори пред Министерството за образование и наука.

-Се враќаме на настава за да им оставиме простор на пратениците да најдат решение.Чекаме Комисијата за образование, наука и спорт да го разгледа Предлог-законот. По средбите што ги имавме во Собранието, Сојузот на средношколци е сигурен дека има поддршка од повеќе од 70 пратеници. Ако не се прифатат и гласаат нашите барања до крајот на месецов, ние ќе почнеме да кампираме пред МОН. Нашиот бојкот e последица на немањето слух за нашите проблеми, укажувања, аргументи и конкретни предлози за изменување на годинашната државна матура. Сојузот им остава можност и време на институциите да ги прифатат и спроведат нашите барања, изјави Ходаи.

Предлогот за измени и дополнување на Законот за средно образование, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го поднесе во Собранието минатиот понеделник и ги повика останатите пратенички групи да го поддржат за да им излезат во пресрет на матурантите.

Државниот испитен центар во ноември ги соопшти термините за испитите по трите екстерни предмети (од 29 мај до 14 јуни 2021), а покрај нив, матурантите треба да полагаат уште еден интерен предмет и да изработат проектна задача. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.02.2021 - 08:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега