Бочварски: Поединечно да се разгледаат градежните договори за можни промени поради поскапите материјали

 

 Треба да се земе во предвид секој договор поединечно за да се види дали се можни промени, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во однос на барањето од градежните компании за скалеста промена на договорните цени поради поскапувањето на градежните материјали.

Бочварски денеска ги повика градежните компании заедно со договорните компании да разгледаат дали има можност за одредени промени или не. Информираше дека за идните проекти институциите ја преработуваат документацијата, односно се прават пресметки новите постапки да бидат со новозададените цени.

-Секогаш да се земе предвид секој поединечен договор какви одредби има, дали се возможни одредени промени или не. Има во одредени постапки договори, можност за клизна скала каде што се дава шанса при промена на вакви ценовни осцилации и шокови да се променат и цените на чинење на градежните материјали. Но, заради тоа не можеме генерално да кажеме за секој договор, можеме само да ги повикаме сите градежни компании заедно со договорните компании да седнат и да ги разгледаат договорите дали се отвора таква можност во постоечкиот договор или не, изјави Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Пробиштип.

Кога станува збор за идните проекти, дополни министериот, како институции веќе правиме и преработка на проектните документации и на премер пресметките со што во новите постапки веќе ќе имаме новозададени цени бидејќи цените на чинење на одредени материјали во градежништвото денеска се повисоки во однос на тоа што беа минатата година. Така што, во однос на таа постапка и идните проекти решението го имаме во однос на сегашните коишто се веќе во тек треба секој договор да се разгледа поединечно, посочи Бочварски.

Според градежните здруженија и комори, креирањето можност во договорите на градежните проекти за скалесто менување на цените согласно инфлаторните движења, е излез од состојбата во која се наоѓа градежниот сектор поради поскапувањето на градежните материјали и нестабилноста на цените.

Поради влошената состојба во секторот поради поскапените градежни материјали  од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметапи при Стопанската комора на Македонија минатиот месец доставија нова иницијатива за корекција за разлики во цени која се применува во најголем дел од договорите за градење на проекти што се изведуваат подолг временски период.

-Со цел соодветно утврдување на разликата во цени на тековните и новите договори за градење, минатиот месец до надлежните институции доставивме нова иницијатива за ревидирање на клизната скала, односно корекцијата за разлики во цени (Price adjustment)  која се применува во најголем дел од договорите за градење (изведба) на проекти што се изведуваат подолг временски период, изјавија за МИА од Здружението.

Нивната анализа покажува дека во периодот март 2020 до март 2021 цената на челичните профили и цевки порасна за 33 проценти, од март 2021 до јуни 2021 за дополнителни 33 проценти, а до крајот на годината и до 95 проценти. Од почетокот на пандемијата до крајот на претходната година поскапувањата кај оплатата, геокомпозитот, термоизолацијата ESP, заштитните премази, полимер-битуменот за асфалт и металните профили надминаа 50 проценти.

Она што загрижува,  како што велат градежниците, е што е неизвесен крајот на поскапувањата на материјалите кои со особено изразен интензитет продолжија од почетокот на оваа година и не се очекува стабилизација на поскапувањата во сезоната која следи, што се одразува врз целокупниот деловен амбиент и работењето на градежната индустрија.

06.06.2022 - 15:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега