Бил Гејтс им се извини на вработените во Фондацијата Гејтс за неговите врски со Џефри Епстин. Тој призна грешки што ја оцрнија добротворната организација, но инсистираше дека немал никаква улога во злосторствата на Епстин, објави The Wall Street Journal.
На состанокот вчера, коосновачот на „Мајкрософт“ призна дека имал две афери со руски жени за кои Епстин подоцна дознал, но нагласи дека во нив не биле вклучени жртвите на Епстин. „Не направив ништо нелегално. Не видов ништо нелегално“, рече Гејтс, според снимка што ја преслушал The Wall Street Journal.
Гејтс, исто така, коментираше за фотографиите од неодамна објавените документи на Епстин на кои е прикажан со жени чии лица беа заматени. Тој тврди дека Епстин го замолил да се фотографира со неговите асистентки по состаноците. „Да бидеме јасни, никогаш не поминував време со жртвите, жените во неговиот круг“, рече тој.
„Беше огромна грешка да поминувам време со Епстин“ и да го доведам раководството на Фондацијата Гејтс на состаноци со сексуален престапник, рече тој. „Им се извинувам на сите што беа вклучени во ова за грешката што ја направив“.
Милијардерот откри дека неговите состаноци со Епстин започнале во 2011 година, години откако Епстин се изјасни за виновен во 2008 година за подведување малолетничка. Гејтс рече дека бил свесен за „некаква 18-месечна наредба“ со која се ограничува патувањето на Епстин, но дека не направил доволно проверки на неговото биографија.
Тој продолжи да ги одржува состаноците дури и откако неговата тогашна сопруга, Мелинда Френч Гејтс, изрази загриженост во 2013 година.
„Според она што го знам сега, сè е, знаете, сто пати полошо, не само поради неговите претходни злосторства, туку сега е јасно дека ова беше континуиран модел на лошо однесување“, им рече Гејтс на персоналот.
Тој додаде за својата поранешна сопруга: „Морам да ѝ оддам признание, таа секогаш беше доста сомничава во врска со целата работа со Епстин“. Гејтс вчера им кажа на вработените дека продолжил да се среќава со Епстин до 2014 година, летајќи со него во приватен авион и поминувајќи време во Германија, Франција, Њујорк и Вашингтон. „Никогаш не спиев кај него“, рече тој, ниту го посетил островот на Епстин.
Тој рече дека Епстин „зборувал за своите блиски односи со многу милијардери, особено милијардери од Волстрит“ и го уверил дека може да помогне во собирањето пари за каузи како што е глобалното здравство. Гејтс додаде дека присуството на други истакнати луѓе на тие состаноци помогнало „да се чувствува нормално“.
Тој призна дека разбира оти неговата поврзаност со Епстин му помогнала на осудениот сексуален престапник да го подобри својот углед. Исто така Гејтс призна дека неговата поврзаност со Епстин и неодамна објавените е-пораки од документите на Министерството за правда фрлиле сенка врз Фондацијата Гејтс и нејзиниот углед.
„Тоа е целосно неконзистентно со вредностите и целите на Фондацијата“, рече тој. „А нашата работа е многу чувствителна на угледот. Луѓето можат да изберат дали да работат со нас или не“. Портпарол на Фондацијата Гејтс рече дека Гејтс одржува вакви состаноци со вработените двапати годишно и дека „зборувал отворено, одговарал на неколку прашања детално и ја преземал одговорноста за своите постапки“

