Би-би-си: Кина тргна во офанзива
Кина започна дипломатска офанзива во Југоисточна Азија во екот на трговската војна со САД, анализира Би-би-си.
Кинескиот претседател Кси Џинпинг пристигна во Виетнам, каде што се состана со највисоките државни функционери, вклучувајќи го и лидерот на Комунистичката партија То Лам и премиерот Фам Мин Чин.
Во разговорите со виетнамското раководство, Кси повика на заедничко противење на „едностраното малтретирање“ со цел, како што рече, да се зачува глобалниот систем за слободна трговија, пренесува кинеската државна новинска агенција Ксинхуа.
За време на посетата, двете земји потпишаа дури 45 договори, кои опфаќаат широк опсег на области, вклучувајќи синџири на снабдување, изградба на инфраструктура и вештачка интелигенција. Кси наскоро заминува од Виетнам за Малезија, а во текот на неделата ќе ја посети и Камбоџа.
Посетата доаѓа во чувствителен период за целиот регион на Југоисточна Азија, кој е под зголемен трговски притисок од Вашингтон. Пред само неколку дена, САД објавија 90-дневна пауза во воведувањето на новите царини, кои дотогаш достигнуваа и до 49 отсто на извозот од некои земји во регионот. Во исто време, царини од дури 145% веќе се воведени за повеќето кинески извози во САД.
Патувањето на Кси Џинпинг во Југоисточна Азија е дел од пошироката стратегија на Пекинг за консолидирање на своето влијание во регионот во време кога трговските и политичките односи меѓу Кина и САД се сè позатегнати. Кина традиционално има силни економски врски со земјите од АСЕАН, регионален сојуз кој обединува десет земји од Југоисточна Азија, и токму тие сега се под зголемен притисок да застанат на страната на САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој се врати на чело на САД, ја зајакна царинската политика што започна за време на неговиот прв мандат. Во тој период, бројни кинески компании го префрлија производството во земји како Виетнам и Камбоџа со цел да ги заобиколат американските царини. Денеска се проценува дека четвртина од извозот на Кина оди преку трети земји.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа