Двајца српски државјани биле приведени на граничниот премин Табановце откако системот „Безбеден град“ покажал дека на автопатот А1, на делницата од тунелите Демир Капија до Гевгелија, возеле со брзини повеќе од двојно над дозволената.
Првата, 36-годишна жена, управувала „мерцедес“ со српски регистарски ознаки со брзина од 169 километри на час, иако на тој дел од автопатот максимално дозволената брзина е 80 километри на час.
Неколку часа подоцна, на истиот граничен премин бил приведен и 58-годишен српски државјанин, кој управувал „ауди“ со брзина од 175 километри на час на истата делница.
Двајцата биле откриени на 18 октомври при излез од државата, кога полициските проверки покажале дека се евидентирани за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ според член 297-а од Кривичниот законик.
Тие биле спроведени во полициска станица, а по целосното документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

