Бесими: Со Предлог-буџетот за 2023 ублажување на кризата, фискална консолидација и финансирање на интеграциите

Справување со последиците од енергетската криза и зголемената инфлација,  продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост,  обезбедување услови за економско заздравување и одржлив економски раст, како и  непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евро-атлантските интеграции (ЕУ и НАТО), се четирите основни цели на Предлог-буџетот за 2023 година што денеска, пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, го образложува министерот за финансии Фатмир Бесими.

Министерот напомена дека Владата останува цврсто на определбата за постепена фискална консолидација, која нема да влијае негативно на економската активност.

-Овој буџет е прв што се носи согласно ноивот Закон поддржан од сите пратеници, подвлече Бесими.

Тој најпрво се осврна на економскиот контекст и претпоставките за буџетот, на основното макроекономско сценарио и ризиците. Рече дека економската активност во Република Северна Македонија годинава беше под влијание на предизвиците и неизвесностите предизвикани од глобалните фактори. Во второто тримесечје БДП забележа годишен раст од 2,8 отсто на реална основа, што претставува натамошен раст на економската активност, по зголемувањето од 2,4 проценти во првиот квартал. Економскиот раст во првата половина на 2022 година достигна 2,6 отсто.

Како што истакна Бесими, стапката на инфлација во текот на годината има нагорна тенденција и во периодот јануари-октомври 2022 година достигна 13,2 отсто, што ги отсликува ценовните притисоци на страната на понудата предизвикани од глобални фактори, кои резултираа со нагорен тренд на цените на примарните производи на меѓународниот пазар, а се пренесоа во домашната економија, главно преку зголемените цени на прехранбените производи, нафтените деривати и електричната енергија. Согласно досегашните движења кои се значително повисоки во однос на претходните проекции, се очекува, како што истакна Бесими, на стапката на инфлација да достигне 12,9 отсто во 2022 година.

Пред почетокот на денешната 52 седница на Комисијата за финансирање и буџет на чиј дневен ред единствена точка е Предлог-буџетот за 2023 година, министерот Бесими симболично му го предаде Буџетот на претседателот на Комисијата Бојан Стојаноски во знак на, како што рече, досегашната добра соработка.

Стојаноски, пак, потсети дека претресот по Предлог-буџетот – општите претреси и претресите по амандманите, може да трае максимум 10 работни дена. 

23.11.2022 - 11:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега