Берлускони се јави од болница: Тешко е, но ќе се спасам повторно

 

 

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, кој боледува од леукемија и е хоспитализиран на одделот за интензивна нега во болница во Милано, изјави дека е тешко, но уште еднаш ќе се извлече.

„Успеав да ја победам смртта, дури и во потешки и поделикатни ситуации“, рече Берлускони преку италијанскиот дневен весник „Ил журнале“, кој е дел од неговата медиумска империја.

86-годишниот медиумски магнат, кој од средата е на одделот за интензивна нега во престижната болница Сан Рафаеле во Милано, одмара и добро реагира на лекувањето, изјави министерот за надворешни работи Антонио Тајани за телевизијата „Раи 3“.

Тајани, поранешен претседател на Европскиот парламент, е број два во партијата „Форца Италија“ на Берлускони, која е дел од владејачката коалиција на премиерката Џорџа Мелони. Поради својата долговечност во политиката, Берлускони го доби прекарот „бесмртен“. Тој беше реизбран во парламентот во 2022 година. Неговите лекари објавија дека боледува од белодробна инфекција поврзана со „хронична леукемија која ја има веќе некое време“.

На кардиолошкиот оддел во таа болница во предградието на Милано го посетија роднините на поранешниот премиер, предводени од неговиот брат и децата.

Навивачите на фудбалскиот клуб Монца, чиј сопственик е Берлускони, ставија транспарент на вратата од болницата: „Храбар Силвио! Монца е со тебе“.

07.04.2023 - 19:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега