Бектеши: Ако нема интерес од сериозни компании државата преку ЕСМ ќе ја преземе обврската за снабдување со топлинска енергија

 

Откако Владата ќе добие официјално писмо од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги дека се одземени лиценците на Балкан енерџи груп (БЕГ) за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во Град Скопје ќе објави јавен оглас на кој доколку не се јави заинтересиран понудувач ќе одлучиме тоа да го прави ЕСМ како што веќе направивме во текот на изминатата грејна сезона.

Ова го истакна министерот за економија Крешник Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

– Секако дека нема да ги оставиме оние скопјани кои користат топлинска енергија за згревање на своите домови заради институции кои немаат капацитет тоа да го направат. Град Скопје веќе ја има формирано компанијата ГЕС која има и вработени. Дополнително согласно Законот за комунални дејности тоа е и обврска на Градот Скопје да се занимава со снабдување и дистрибуција на топлинска енергија, а сега испаѓа дека немаат капацитети или не знаат тоа да го менаџираат, рече Бектеши.

Нагласи дека доколку се одлучи да се оди преку јавен повик ќе има јасни критериуми за да се најде сериозна компанија која во континуитет и квалитетно ќе ги снабдува скопјани со топлинска енергија.

-Ако нема таков интерес од страна на компании, тогаш државата ќе ја преземе таа обврска преку ЕСМ, бидејќи не може да се стопира давање на јавна услуга каква што е греењето на скопјани што е наведено и во Законот за енергетика и Законот за комунална дејност, потенцира Бектеши.

Посочи дека ЕСМ веќе менаџира со оваа дејност преку ЕСМ енергетика и доколку не се најде друг сериозен оператор, тогаш ќе ја преземе обврската за снабдување на скопјани со топлинска енергија.

-На товар на граѓаните нема да паднат никакви долгови што ги има БЕГ или некоја друга компанија. Важно е да се почитуваат законите и граѓаните да не се остават во немилост заради лични интереси на одредени компании, потенцира Бектеши.

15.06.2022 - 16:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега