Потпретседателот на ОК Центар, Лазар Банов, на денешната прес-конференција изнесе остри критики кон работењето на општинското раководство и градоначалникот Горан Герасимовски, обвинувајќи ги дека трошат средства од граѓаните за партиски и лични промоции.
„Скоро три милиони денари на тендери за реклами и односи со јавноста. Толку ќе ги чини центарци промоцијата на Горан „бетон“ Герасимовски за нов потпретседател на СДС.“
Банов нагласи дека средствата се трошат непродуктивно, додека основните инфраструктурни проблеми во општината остануваат нерешени.
„Очигледно на Герасимовски поважно му е да слави родендени на ПОЦ, наместо да ги пополни стотиците дупки по улиците во Центар, да ги поправи откорнатите пречки за успорување на сообраќајот, да ги префарба избледените ленти за пешачките премини кај училиштата и градинките, како и ред други недостатоци, каде би било поголем приоритет да се потрошат овие пари.“
Тој се осврна и на конкретни финансиски детали, наведувајќи дека тендерите за аудио и видео продукција и јубилејот на ПОЦ се доделени на компаниите „БИА Маркетинг Зони“ и „Слобода Филм“, за кои тврди дека добивале значителни средства и преку минатогодишните и овогодишните општински грантови за култура.
„СДС и Герасимовски мора веднаш да одговорат, што ќе снимаат овие компании? Дали ќе ги документираат успешните проекти кој никој не ги видел, дали ќе снимаат инвестиции во инфраструктурата на Општина Центар, која исто така никој не ја видел, бидејќи ништо од ова не постои.“


