Азески – Ѓукановиќ: Кризите покажаа колку е важна регионалната соработка

 

Кризите покажаа колку е важна регионалната соработка, заклучија на денешниот работен ручек претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ.

Средбата е во пресрет на состанокот на Бизнис платформата Западен Балкан – ЕУ што Коморскиот инвестициски форум (КИФ) го организира следната недела во Брисел, а Азески учествува и во својство на копретседател на КИФ.

На работниот ручек, како што информира Комората, се разговараше и за перспективите за продолжувањето на процесот на воспоставување заеднички регионален пазар, „процес што минатата година не се реализираше со посакуваната динамика“.

-Азески го информираше Ѓукановиќ и за активностите во рамки на Регионалниот фонд за предизвици, како и за вториот повик за доставување апликации што беше затворен минатата недела, а кој во рамки на КИФ е координиран од Стопанската комора на Црна Гора, наведува Комората.

Во следниот период КИФ ќе ги продолжи активностите на Регионалната програма за добавувачи, при што за селектирани компании од регионот ќе биде понудена техничка помош за дигитализација и за пристап до финансии, во насока на зголемување на нивните капацитети и полесно вклучување во регионалните и глобалните ланци на снабдување, за компаниите кои се дел од базата на добавувачи во платформата која ја изготви КИФ (market-access.wb6cif.eu).

Во мај ќе биде одржана и регионалната конференција и Б2Б средби „Креирање заеднички туристички производ“ во Требиње, БиХ. Ќе биде распишан и повикот за регионалните награди кои КИФ ги доделува за компаниите кои придонесуваат за унапредување на регионалната соработка во Западен Балкан и кои со своето работење поставуваат нови стандарди на полето на дигитализацијата, иновациите и технолошкиот напредок.

18.04.2022 - 16:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега