Најмалку четири лица се повредени откако автомобил удрил во група луѓе во градот Нојштат ам Рибенберге, во близина на германскиот град Хановер, објави весникот „Билд“. Според првичните информации, ниеден од повредените не е во животнозагрозувачка состојба, иако дел од нив се здобиле со посериозни повреди и веднаш се пренесени во болница.
Инцидентот се случил непосредно пред полноќ, а полициски службеници кои вршеле рутинска сообраќајна контрола во близина, веднаш интервенирале и отвориле оган врз возилото во обид да го запрат. Напаѓачите сепак успеале да побегнат од местото на настанот.
Првичните наоди од истрагата укажуваат дека лицата меѓусебно се познавале и дека групата била конкретна цел на нападот. На местото на инцидентот останало оштетеното возило, а оштетени се и неколку други автомобили, од кои некои се со дупнати гуми и скршени стакла.
Полицијата, заедно со противпожарните и медицинските екипи, веднаш го обезбедила теренот. Во обемната потрага по осомничените беа вклучени хеликоптер и полициски кучиња, а локацијата беше блокирана неколку часа поради прибирање форензички докази.
Точниот број на лица кои биле во возилото сè уште не е утврден, а потрагата по нив досега не дала резултати. Полициската истрага за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности е во тек.

