Австриските власти пронајдоа складиште со оружје во Виена, во рамките на истрагата поврзана со апсењето на тројца осомничени припадници на палестинската милитантна организација Хамас во Берлин.

Австриската служба за внатрешно разузнавање (ДСН) денеска соопшти дека при претрес се запленети пет пиштоли и десет шаржери. „Ова складиште со оружје се поврзува со структури на терористичката организација Хамас кои дејствуваат во странство“, стои во соопштението на ДСН.

Според информациите на германското федерално обвинителство, лице кое неодамна било уапсено во Лондон е осомничено дека го презело оружјето што му припаѓало на еден од тројцата уапсени во германскиот главен град на почетокот на октомври, пренесе ДПА.

Обвинителството наведе дека примателот на оружјето, исто така член на Хамас, двапати се сретнал со осомничените во Берлин минатото лето за да прими пиштоли и муниција. Потоа, според германските обвинители, тој го пренел оружјето во Виена и го складирал таму. „Делото служело како подготовка за обиди за убиства од страна на Хамас насочени кон израелски или еврејски институции во Германија и Европа“, се наведува во соопштението.

ДСН информира дека сопственик на складиштето со оружје е 39-годишен Британец, кој бил уапсен врз основа на германска потерница и треба да биде екстрадиран во Германија.

Тројцата осомничени припадници на Хамас уапсени во Берлин се наоѓаат во притвор.

Според претходните податоци на германското федерално обвинителство, тие се сомничат и дека набавиле автоматска пушка. Осомничените се 36-годишен Германец роден во Либан, 43-годишен маж роден во Либан со нејасен државјански статус и 44-годишен Германец со потекло од Сирија.

Exit mobile version