Атанас Кочов: УКИМ не смее да биде третиран како и другите универзитети

Во пресрет на изборот на прв човек на најголемиот Универитет во Македонија, Универитетот Свети Кирил и Методиј, Прес 24 постави идентични прашања за сите шест канодати за иден Ректор.

Низ одговорите на канидатите на прашањата, јавноста ќе може да изгради свој став за нивните ставови, размислувања, позиции и идеи.

Проф. д-р Атанас Кочов е редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје. Роден е 1966 година во Скопје. Магистрирал 1994 на Универзитет Св. Кирил и Методиј- Скопје, Машински факултет, 1995-1996 докторски студии, Универзитет Вашингтон, Сиетл, САД, 1997- докторски студии, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Машински факултет Скопје.

ПРЕС24: Како го оценувате развојот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во последните три децении независност на државата?

КОЧОВ: УКИМ, како најстар, државотворен универзитет во кој се опфатени сите научни области, вклучително и оние кои се од посебен национален интерес, мора да биде различно третиран во однос на сите останати универзитети во државата, мора да биде еден и единствен државен универзитет со трајно решение за финансиското обезбедување за реализација на наставно образовниот, научно истражувачкиот процес, преку Законот за високото образование. УКИМ не може и не смееме да дозволиме да биде деградиран и третиран согласно сегашниот закон за високото образование заедно со сите останати државни и приватни Универзитети. За жал, во изминатите години бевме сведоци на деградирање на УКИМ во однос на сите останати јавни Универзитети во државата, посебно низ лошиот начин на финансирање на високото образование, и неприфаќањето на современ модел за финансирање на научно истражувачката дејност. Непостоење на програма за финансирање на државни научно истражувачки проекти од страна на МОН, непостоење на проекти за технолошки развој со кој ќе се зајакне соработката со бизнис заедницата во МАкедонија, непостоење на системски начин на вработување на млади и талентирани млади кадри, кои заминуваат во странство заради неможноста да бидат веднаш превземени во академската заедница, се основните невоспоставени државни мерки кои го ничкоса УКИМ и доведе до лошо рангирање. Државата мора да поведе сметка за УКИМ кој е мајка на сите останати Универзитети во државата. Повеќе од 90% од наставниот кадар на сите јавни и приватни универзитети во државата се кадар кој произлегол од УКИМ.

ПРЕС24: Дали УКИМ денеска го заслужува епитетот најдобар универзитет во Македонија?

КОЧОВ: И покрај лошите услови од аспект на финансирање на наставниот и научно истражувачкиот процес, УКИМ бил и ќе биде најдобар Универзитет во Македонија. За тоа, не треба и не смее да има сомнеж. Сведоци сме на се голем број на наши завршени студенти, кои имаат завршено еден степен студии на УКИМ и кои без било каков проблем се прифатени на магистерски или докторски студии на најдобрите Универзитети во Светот. Анализите покажуваат дека во програмата на Владата за стипендирање на студенти за магистерски и докторски студии на првите 50 најдобри Универзитети во Светот според Шангајската листа, се студенти кои дипломирале од УКИМ. А, за да бидете студент на магистерски или докторски студии на најдобрите Универзитети треба да имате огромен квантум на знаење и да ги положите со висок број поени, мошне тешките испити GRE, TOEFL и слични. Но, наша цел, мора да биде нивно инкорпорирање во академската средина по нивното враќање во Македонија, бидејќи тоа ќе допринесе за подобрување на квалитетниот процес на наставата, науката и истражувањата, како и за вмрежување и соработка со странски универзитети.

ПРЕС24: Кои според Вас се клучните пропусти направени изминатите три децении?

КОЧОВ: Високото образование во Македонија мора да биде по европски стандард. Како држава, сите заедно, мораме да ја донесеме Европа во нашиот образовен систем преку решен систем на финансирање на високото образование, со точно определена цена на чинење на студиите од различни подрачја, области. Финансирањето на националните научно-истражувачки проекти мора да отпочне повторно, за да се обезбедат научни потенцијали и истражувања, објава на научни трудови, набавка на материјали за лабораториски истражувања. Мораме да го промениме принципот на акредитација на студиските програми и да преминеме кон модуларни студиски програми, да ги намалиме трошоците на универзитетите. Потребно е да се стимулира примена на принципите на мултидисциплинарен пристап во дефинирање на студиските програми. Неопходно е да отпочне да функционира и Одборот за евалуација кој совесно ќе пристапи кон реален процес на евалуација на многубројните студиски програми и високообразовни установи кои предизвикуваат нелојална конкуренција во Македонија. Отвореноста на високото образование мора да се обезбеди со меѓународни акредитации на студиските програми, за да се обезбедат услови за поголем број на склучени договори со странски универзитети за двојни дипломи. Македонија дозволува да ги изгуби своите најдобри млади кадри и истите да не бидат ангажирани како научни или стручни соработници во високото образование, поради неправилната политика на државата за вработување на млади научни кадри. Ние мора да го сопреме процесот на одлив на мозоци и да отпочнеме нов процес на привлекување и враќање на успешните млади кадри од странство назад во Македонија преку олеснување на начинот за вработување на млади кадри Решавање на начинот на финансирање на високото образование мора да биде примат на Државата. Недозволиво е сеуште да не функционира нов современ модел на финансирање на високото образование и да дозволиме научните работници да чекаат колективни договори со кои платата би се зголемила за 5-10% како резултат на нечија желба или политичка заложба. Високото образование, не само за плати, туку и за нови вработувања, финансирање на материјално-технички средства за лаборатории мора да има трајно решен алгоритам преку современ начин на пресметување на цената на чинење, односно трошок за реализација на квалитетна студиска програма. Недозволиво е да има големи диспропорции во големината на финансиските средства кои државата ги дели на јавните универзитети, без да земе во предвид дека УКИМ е лулката и столбот на високото образование, како најстар, најдобар и најквалитетен универзитет. УКИМ бил и секогаш ќе биде стожерот на нашата Македонија, ќе биде стожер на сите политики, на културата, традицијата, ризница на знаење, кадар, наука, истражувања, партнер на македонското стопанство, полн со иновативност, креативност, уметност, претприемачки дух. И најважното е дека се направени огромни пропусти во начинот на подобрување на студентскиот стандард, непостоење на функционални студентски домови достојни за студентски живот, со спортски и културни катчиња со соодветни кујни за здрава исхрана на студентите. Студентите мора да се партнери, со нивна целосна вклученост во наставната, научната и апликативна дејност на Универзитетот.

ПРЕС24: Дали политиката го деградираше образованието, или универзитетските професори политичари ја деградираа политиката?

КОЧОВ: Политиката мора да биде надвор од високото образование. Автономијата на спроведувањето на наставниот процес, како и на научно истражувачката дејност базирана на добро дефиниран финансиски модел за високото образование, а кој е стратешки дефиниран од државата, претставува win-win ситуација. Секоја држава, која се грижи за образованието како еден од столбовите за развој, само по себе значи успех во реализација на наставниот и научно истражувачкиот процес. Секој процес спроведен со добро опремени лаборатории и материјали за реализација на наставата, надгледани средства, ИКТ опрема, добро опремени библиотечни фондови, добар студентски стандард, претставува предуслов за добро високо образование и освојување на нови и иновативни решенија за севкупен развој на државата, а со тоа и гарантирано отстранување на политиката од образованието.

ПРЕС24: Исплатливо ли е да се биде Универзитетски професор?

КОЧОВ: Да се биде дел од академската заедница е чест, благородна дејност, но и голема обврска во исполнувањето на хуманиот пристап и остварување на целите на високото образование, а тоа се пренос на знаење на новите генерации студенти, кои треба да бидат полни со знаење, иновативност, претприемачки дух. Да се биде универзитетски професор, не треба да се размислува и да се мери со „исплатливост“. На сите членови на академската заедница, кои благородната функција на универзитетски професор ја гледаат низ призмата „исплатливост“, не им е местото во академската заедница. Сите ние кои сме одлучиле да се занимаваме со научно-истражувачка дејност и наставно образовна дејност на младите генерации, а кои треба нашето општество да го поведат во општествено-економски развој, технолошки развој и напредок, интеграции во меѓународни алијанси, не треба и не смее да гледаме низ призмата на „исплатливост“. А, секоја држава која има воспоставено добар мериторен систем и грижа за квалитетно образование како еден од столбовите на развојот, секогаш мора да се грижи за финансиската страна која е изразена преку обезбедување на услови за квалитетен високо образовен процес и научно истражувачка дејност. Реално дефиниран финансиски модел со јасно дефинирани цели на реализација на процесите во високото образование како столб на развојот, само по себе ќе постигне и задоволство на сите страни инволвирани во високото образование.

ПРЕС24: Што за Вас, како иден Ректор е топ приоритет ?

КОЧОВ: На своите колеги од академската заедница на УКИМ, им ветувам дека како еден и единствен тим-сите заедно, ќе направиме УКИМ да биде во чекор со времето. Заедно да водиме процес на создавање - креирање на квалитетен високообразован кадар, полн со иновативност, знаење, наука, истражување, претприемништво, да ги задржиме најдобрите студенти како нов подмладок - кадар кој може и мора да биде во состојба да одговори на барањата на современите општествено-економски текови во државата, како и светските барања на современите и напредни технологии. Тоа е единствениот начин да придонесеме за севкупниот развој на нашата Македонија. Заедно ќе се избориме да го надминеме сегашниот лош финансиски стандард на сите вработени на УКИМ со зајакнување и искористување на севкупната наша внатрешна инфраструктура преку нови партнерства и можности кои до сега, иако имаше можност, не беа искористени од страна на менаџмент тимот на УКИМ. Морам да напоменам дека никогаш и никако не смееме да заборавиме дека покрај научноистражувачката дејност, посебно внимание треба да посветиме на развојот на спортот, културата, уметностите, културното наследство и развојот на креативните индустрии кои базираат на културно-уметничкото наследство! Имено, на тоа и се базира четвртиот столб на одржливиот развој согласно најновите стратегии усвоени од страна на Европската унија и ООН. „УКИМ државна ризница и традиција! УКИМ ќе направи повеќе за сите!“

Четири основи работи ќе бидат во фокусот, а тоа се:

-Основниот приоритет во однос на наставно-образовниот процес за наредниот период е подигање на нивото на реализација на наставната дејност на сите циклуси на студии, преку поголемо ангажирање и вклученост на наставниот кадар и вработување на млад соработнички кадар, како и студентите во наставните програми, домашните научно-истражувачки, меѓународните - билатерални и мултилатерални проекти, отварање на повеќе можности за меѓународна размена на студентите преку Еразмус програма.

-Материјалното и финансиско работење, активирање на Универзитетскиот совет, воведување на внатрешен ревизор за финансиско работење, во насока на подобрување на внатрешните процеси на УКИМ. Поголемо искористување на постоечкото богатство од инфраструктура и недвижности со кои располага УКИМ на територијата на цела Македонија. Затварање на прашањето за просторните проблеми на единиците на УКИМ (ФИНКИ, факултет за драмски уметности, Институтите при УКИМ), во насока на создавање на поволни услови за творење, наука и истражување на секој поединец од академската средина. Домаќинското работење со имотот ќе биде фокус во првата година од мандатот.

-Зајакнување на меѓународната соработка преку потпишување на стратешки договор со Европскиот истражувачки центар (JRC – Joint Research Center) во насока на обезбедување истражувачки места за нашиот млад соработнички кадар, за докторанди, но и за после докторски истражувачи во мрежата JRC Open Labs. Потпишување на стратешки договори за двојни дипломи со странски универзитети од Европа и светски реномирани Универзитети во САД.

-Подобрување на студентскиот стандард преку изградба на нови сместувачки капацитети за студентите од сите циклуси студии, како и компјутерски училници, со пристап до електронски библиотеки на учебници и списанија за студенти, спортски и културни центри, а во јавно- приватно партнерство, како што доликува на претприемачки универзитет од 21-виот век.

ПРЕС24: Можни ли се реформи на високото образование и каков модел е најсоодветен?

КОЧОВ: Реформите треба да бидат во определување на современ метод кој ќе дефинира траен начин на финансирање на високото образование, базирано на реален број на државни Универзитети. А за тоа, потребно е, што е можно поскоро да отпочне со работа Одборот за евалуација во состав на Агенцијата за квалитет на високото образование. Добро спроведена евалуација ќе значи и „прочистување“ на вишокот и нерентабилни студиски програми, како и Универзитети во Македонија. Поддршка на склучување на стратешки партнерства со Европски и светски реномирани Универзитети за зголемена мобилност на академскиот кадар и студенти, стипендирање на студиски и научни претстои, зајакната соработка со бизнис заедницата преку нивно инволвирање во наставниот процес се дел од реформите кои се неопходни. Зголемениот буџет за наука и истражување ( кои сега за жал е најнизок во Европа и е под 0.1% БДП), отворени можности за вработување на завршени студенти, а не магистри на наука, воведување на вработувања преку национални научноистражувачки проекти се дел од реформите кои се неопходни. Гарантирано финансирање на универзитетските лаборатории и материјали за истражувања и реално одвивање на наставниот процес се неопходни што е можно поскоро како реформи во високото образование.

ПРЕС24: Какви релации ќе градите со институциите на државната власт во однос на потребата од јакнење на инвестициите во научната сфера?

КОЧОВ: Сметам дека како Ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, заедно со целата академска заедница на УКИМ, сите заедно, како мотивиран тим, ќе се избориме нашиот УКИМ да биде еден и единствен стожер на нашата Македонија, да остане традиција и ризница на научната и академска елита, да биде столбот на високото образование, да биде мостот за инклузивен и одржлив развој, да создава успешни генерации студенти кои ќе се гордеат со универзитетот на кој го стекнале своето образование. Потребно е заедно да се избориме да создадеме добри услови за да ги задржиме најуспешните млади кадри и да воспоставиме цврсти темели на соработка со сите стопански и општествени сектори за успешен општествено-економски развој на Македонија. Мојата визија за УКИМ се темели на идејата за современ, отворен и истражувачки универзитет способен за справување со предизвиците во периодот што е пред нас. Зајакнување на стратешката позиција на УКИМ како стожер на образованието во земјата како прв и најстар универзитет најголем по број на организациски единици, по број на наставно научен кадар и по број на студенти најголем по број на научни области и единствен кој се грижи за националните интереси на земјата. Во таа насока, работењето на УКИМ мора да биде дефинирано со Законот за високото образование, како што е дефинирано и во Уставот на Македонија.

ПРЕС24: Што мислите за систем на саморегулација кај професорите на УКИМ во поглед на етичките, моралните и академските критериуми?

КОЧОВ: УКИМ е и ќе остане Универзитет со нулта толеранција за непотизам и трговија со влијание. УКИМ мора да има транспарентно работење, отчетност на секој поединец од академската заедница, гарантирана автономија на наставниот кадар и студентите. Процесите на самоевалуација и надворешна евалуација се дел од системот за контрола на квалитет на процесите во рамките на УКИМ. А рамката за тоа мора да биде европскиот систем за квалитет на високото образование, преку дефинирани мерливи индикатори, а резултатите ќе бидат јавно објавени и достапни до секого. Висок квалитет на сите процеси МОРА СЕКОГАШ да биде примат!

29.05.2023 - 16:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа