Арсовски: Кои барања на источниот сосед ги прифатиле Заев и Димитров во Берлин?

Зоран Заев, Никола Димитров, Радмила Шеќеринска, Стево Пендаровски се луѓето кои го излажаа и изманипулираа целиот македонски народ. „Домат“дипломатијата и „Кај си љубави те поздрави Зоки” дипломатијата не може да не однесат како држава во ЕУ. Пазарџиското однесување на Заев, каде што ветува, а не исполнува не е и не може да биде начинот и патот на станување земја членка на Република Македонија во ЕУ. Заев, Пендаровски и Димитров неколку дена молчат и не кажуваат што тоа договориле во Берлин, односно што прифатиле во Берлин на штета на македонскиот народ?

Ова денеска на прес-конференција го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски додавајќи дека за преговорите граѓаните дознаваат од бугарските медиуми и политичари, кои, како што рече, се фалат со сѐ она што им го ветил Заев.

-Заев и останатите од СДСМ и од Владата ги потценуваат граѓаните мислејќи дека нема да се дознае што ветуваат, и што договараат и нормално што прифаќаат. Она што може да се сретне и чуе низ бугарските медиуми и политички чинители е дека постоеле три услови, а тоа се јазикот, името на државата и добрососедските односи, односно ова се услови кои директно удираат врз идентитетот, државноста и постоењето. Никој не ги споменува историјата и хероите, и тука сакаме да прашаме дали тоа значи дека Заев, Пендаровски и Димитров и останатите прифатиле се што источниот сосед побарал во однос на историјата и историските личности, односно македонски херои? Дали ова значи дека Заев се откажал и од Гоце и од сите останати историски ликови и случувања во минатото, врз кои што почива македонската држава и македонскиот идентитет?, прашува Арсовски.

Според него, државниот врв треба да каже што прифатиле на преговорите во Берлин и зошто кријат што ветиле.

-Јасно е, изборот е едноставен, Заев премиер, асимилација и интеграција или дезинтеграција и негација. Решението е оставка веднаш и експертска влада за национален спас, во која никогаш повеќе нема шарлатани да ни ја водат надворешната политика, рече тој.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.11.2020 - 12:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега