Арсовска: Поголеми и позначајни инвестиции во сите заборавени скопски населби

Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција го претстави проектот „Скопје без заборавени населби“, кој опфаќа поголеми и позначајни инвестиции во скопските населби.

-Канализација, вода, асфалт, автобуски превоз, игралишта за најмладите мора да има секое населено во и околу главниот град Скопје, за тоа не смее да има никаков компромис, порача Арсовска.

Таа додаде дека градот ќе работи посветено на сите овие недостатоци да се отстранат од сите заборавени населби во Скопје – Волково, Арнакија, Даме Груев, Маџари, Топана, Припор, Шуто Оризари, Горно Нерези, Долно ЛисичеГлумово, Свиларе, Шишево , Идиризово, Љубанци, Љуботен, Сингелиќ, Кучково и многу други населби кои, според кандидатката за градоначалник, треба да бидат врвни приоритети за да им се овозможи да имаат нормални услови на живот.

-Големата администрација во градот Скопје, јавните претпријатија уште од првиот ден ќе добијат налог да ги утврдат конкретните проблеми и слабости со јасни и прецизни параметри без разлика што на голем дел од нас ни се навистина добро познати. Како градоначалник ќе понудам програма со многу поголеми и позначајни инвестиции во овие наши скопски населби, рече Арсовска.

Таа напомена дека градот и градската администарција веднаш по завршувањето на овие локални избори ќе се зафати со реализирање на овој проект. Градот, како што рече, ќе работи посветено на сите овие недостатоци да се отстранат од сите заборавени населби.

-Како човек, како менаџер нема никогаш да прифатам објаснувања, ниту сега во кампањата но ниту после неа дека е возможно во 21 век околу стотина илјади наши сограѓани во Скопје да не ги добиваат ниту основните услови за живот, а редовно ги плаќаат своите даноци и давачки кон државата и кон општинските власти, потенцираше Арсовска.

Според неа, во 21 век не смее да има цели населби и населени места, села во периферијата на главниот град, меѓутоа и дел на неколку километри од главниот град, кои немаат основни услови за живот.

-На само неколку километри од центарот на градот има десетици населби во кои нема редовна и чиста вода, во кои нема канализација, нема игралишта за деца, нема асфалтирани улици, нема тротоари, нема автобуски линии. Дали овој град на сите вас ви личи на модерна метропола, рече Арсовска.

Скопје, според Арсовска, има многу проблеми, и му се потребни решенија.

-За жал, Скопје се соочува со нерамномерен развој. Додека центарот на Скопје и овие урбани средини каде што сме ние денеска се прентрупени и имаат толку многу гужва во сообраќајот, имаат урбанистички хаос, приградските населби, селата , оние места кои се одалечени и кои се на периферијата на градот немаат ниту основни услови за живот. Штом не водиме сметка за рамномерниот развој, проблемите што ги имаат граѓаните ќе ги имаат и во центарот на градот, но ќе ги имаат и во приградските населби, додаде таа.

Арсовска смета дека граѓаните на Скопје заслужуваат некој кој што е подготвен, а ги слушне најпрво нивните проблеми, а понатаму и директно да се соочи со нив.

-Нема потреба од политиканство и политики за да се направи водовод, канализација, да се овозможи автобуски превоз или тротоар, треба знаење, работливост, компетенции и сигурност. Затоа јас на скопјани им нудам брзи и сигурни решенија, другите можат слободно да се занимаваат со политкка, политиканство, подметнување и со надмудрување. Не смее да цели населби и населени места кои немаат основни услови за живот, порача кандидатката за градоначалник на Град Скопје

30.09.2021 - 11:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега