Арсовска од Ѓорче Петров: Не можеме да чекаме уште 4 години некој да ја краде иднината на Скопје

На вечерашната средбата со граѓаните на Ѓорче Петров, независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска им порача дека не можеме да чекаме уште 4 годни некој да му ја краде иднината на Скопје.

“Скопје денес е во застој, не се развива и никогаш не било повалкано. Градот живее во стагнација, уназадување и тоа нè разочарува сите. Заборавени цели населби со илјадници жители. Села и приградски населби без вода, без улици и без осветлување. Градот е заробен во урбан хаос, каде секој гради каде сака, истура бетон врз дрва и зеленило. Луѓето без визија ќе ви кажуваат дека проектите кои ги предлагаме не можат да се реализираат. А ние денес ќе им порачаме дека нивното време во Ѓорче Петров и во Скопје е завршено. Имаа шанса, ја прокоцкаа. А ние сме професионалци што нудат решение”, истакна Арсовска пред граѓаните на Ѓорче Петров.

Арсовска уште порача дека неработниците заминуваат и доаѓа време на брзи и сигурни решенија, дека сега е време за професионалците, за менаџерите и за чесните луѓе кои работат. “Ние сме професионалци кои нудат решенија”, дополни Арсовска.

“Градот Скопје мора да се развива еднакво. И во центарот на градот, но и во овие преубави населби околу него.Тука во Ѓорче Петров, се обврзувам дека за мене нема заборавен населба. Не смее Волково, Кучково, Даме Груев, Ново Село, Орман и Никиштани и Кисела Јабука да немаат чиста вода за пиење или да немаат канализација или асфалт или игралишта за нашите млади генерации.Мораме да работиме на растеретување на сообраќајот и на главната артерија низ Ѓорче Петров, и на влезот на градот Скопје од западен правец, но и на артериите кои го поврзуваат Ѓорче Петров со останатиот дел од градот.За решавање на овие проблеми нема да чекаме 4 години. Почнуваме веднаш”, им порача Арсовска на граѓаните на Ѓорче Петров.

Арсовска ги претстави проектите за Ѓорче Петров, проширување на кракот на булевар Теодосиј Гологанов до раскрсница со бул. Ѓорче Петров и изградба на сообраќајница со четири ленти, инфраструктурни проекти значајни за општина Ѓорче Петров, два нови кружни текови, еден на влезот во Ѓорче Петров од Сарај и друг на улица Македонска војска.

Во соработка со централната власт ќе се предвидат и нови поврзувања со автопатот и обиколницата на клучните излези од градот Скопје, како и чистење на дивите депонии кај Ново Село и многу други.

 

01.10.2021 - 21:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега