Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со нова објава на „Фејсбук“ остро го нападна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи дека приведувањето на директорот на ЈП „Комунална хигиена“ било дел од „режија“ на партијата.

Арсовска во објавата напиша дека по приведувањето на директорот, во претпријатието сега нема кој да потпишува документи, што дополнително ќе ја отежни работата на службите за собирање отпад.

„Во режијата на МВРО на Мицкоски за приведување на директорот на Комунална хигиена, заборавиле на диктаторот да му кажат дека сега нема кој да потпишува во претпријатието, за да може и со тие неколку камиони што не успеале да ги саботираат да се собира отпадот,“ напиша Арсовска.

Таа саркастично му порача на Мицкоски да предложи нов директор кој ќе го исполни неговото ветување дека градот ќе биде исчистен за 72 часа.

„Почитуван режимски диктатору, бидејќи вети дека за 72 часа ќе бил исчистен отпадов, ајде таман денес вторник, дај име од утре за директор бидејќи овој што не ти чинеше го уапси, да видиме кој е тој твој јунак што ќе го исчисти за 3 дена градот,“ напиша Арсовска, додавајќи дека „таман до петок пред избори да е чисто, гордо во недела да те гласаат сите.“

Exit mobile version