Со транспортен брод на грчката воена морнарица, денеска од Атина до Бејрут беа пренесени 13 оклопни возила за транспорт на персонал од типот M-113, 10 возила за општа намена STEYR 680M од два и пол тони, како и дополнителни материјали и резервни делови за нивна поддршка. Испораката е дел од донацијата на Грција за Либан.
Од Министерството за национална одбрана на Грција соопштија дека транспортот на воената опрема бил успешно реализиран и дека бесплатната донација е доставена до пристаништето во Бејрут, каде што возилата и опремата им биле ставени на располагање на либанските власти.
„Транспортот беше извршен по соработка меѓу Министерството за национална одбрана и Министерството за надворешни работи, како и во координација со надлежните државни институции, во рамките на активностите на одбранбената дипломатија на нашата земја“, соопштија од надлежното грчко Министерство во врска со донацијата.
Од Министерството потсетија дека министерот за национална одбрана Никос Дендиас оствари повеќе посети на Либан, а исто така имаше и средба во Атина со либанскиот министер за одбрана, Мишел Менаса.
„На средбата се разговараше за помошта на Грција за вооружените сили на Либан, преку бесплатно отстапување на воена опрема“, наведуваат од Министерството.

