Првата пратка од 17 лесни оклопни возила од типот „Страјкер“ (Stryker) е веќе пристигната на пристаништето во Грција и наскоро треба да влезе во Македонија. Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, денеска пред Собраниската комисија образложи дека се работи на последната техничка документација за овие возила да станат дел од македонскиот одбранбен систем.
„Оваа година пристигнуваат сите 42 возила. Веќе 17 се на пристаниште, а со новиот технички амандман овозможуваме инсталација на целата софистицирана опрема што стигнува со нив. САД бараат овој аранжман да биде прецизен за да се изврши и целосна обука на нашите војници“, истакна Мисајловски. Договорот со САД е клучен дел од планот за модернизација на Армијата според НАТО стандардите.

