Владината делегација на Република Македонија, предводена од претседателот на Владата Христијан Мицкоски, учествуваше на Светскиот економски форум во Давос, кој претставува најголемиот глобален настан за директна комуникација помеѓу владите и бизнис-заедницата, како и за поврзување на компаниите меѓусебно.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостување во „Тема на денот“ на Сител истакна дека форумот е конципиран како клучна платформа за дискусии за трговијата, економијата и енергетиката, како и за следење на најновите глобални трендови, но и за остварување непосредни контакти меѓу владите и деловната заедница.

„Нашиот фокус како владина делегација беше јасен – економија, трговија, бизнис и инвестиции. Остваривме повеќе значајни средби за кои очекуваме да донесат конкретни придобивки за нашите граѓани“, истакна Муцунски.

Во рамки на форумот, владината делегација оствари средби со претставници на компанијата „For Age“, како и со раководството на мултинационалната корпорација „Филипс“. Како резултат на тие разговори, веќе е реализирана и дополнителна, продолжена комуникација со еден од главните потпретседатели на корпорацијата „Филипс“, со цел понатамошна конкретизација на можностите за соработка.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, беше и панелист на еден од најзначајните панели посветени на енергетиката, каде што учествуваше како главен говорник заедно со американскиот секретар за енергетика, Крис Врајт. На панелот беа разгледани актуелните глобални енергетски предизвици и можности за развој и инвестиции.

Муцунски потенцираше дека учеството во Давос беше насочено кон следење на глобалните економски текови и активна комуникација со компании кои можат да придонесат за развојот на домашната економија, додавајќи дека во наредниот период се очекуваат конкретни резултати од воспоставените контакти.

Тој најави дека за неколку недели владината делегација, повторно предводена од премиерот Мицкоски, ќе учествува и на Политичко-безбедносниот форум во Минхен, каде што фокусот ќе биде ставен на прашања од областа на политиката и безбедноста, со приоритет на средби со релевантни меѓународни партнери.

„Светскиот економски форум во Давос има јасна цел и карактер. Нашиот ангажман таму беше целосно во функција на економските интереси на државата и отворање нови можности за бизнис и инвестиции“, нагласи Муцунски.

Exit mobile version