Една третина од граѓаните сметаат дека владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ води подобра економска политика од СДСМ (9,1%), покажуваат резултатите на истражувањето на МКД.мк спроведено од агенцијата Маркет вижн од 9 до 21 септември.

На прашањето како би ја оцениле финансиската состојба на вашето домаќинство, една третина, односно 33,8% од испитаниците позитивно ја оцениле финансиската состојба на своето домаќинство, за разлика од 23,5% кои изјавиле дека финансиската состојба на нивното домаќинство е лоша.

Најголем дел од испитаниците (39,5%) очекуваат, во наредните 12 месеци, состојбата во земјата да биде непроменета, 31% имаат оптимистички очекувања, додека речиси 25% имаат песимистички очекувања.

Една третина од граѓаните (36,2%) немаат доверба ниту во владејачката партија ниту во опозицијата кога станува збор за водење на економска политика. Од останатите, три пати повеќе граѓани би ја довериле економската политика на ВМРО-ДПМНЕ отколку на СДСМ.

Во однос на актуелниот проект на Владата за доделување концесија за работа на нов мобилен оператор, две третини од граѓаните ја поддржуваат оваа одлука.

За скандалот со прислушувањето, најголем дел од испитаниците кои слушнале за овој случај веруваат дека одговорноста за оваа афера е кај опозициските партии СДСМ и ДУИ.

Анкетирањето беше спроведено од 9 до 21 септември со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.

Leave A Reply

Exit mobile version