Анкета на НДИ: Коалицијата предводена од СДСМ води пред коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ
Доколку утре се одржат предвремените парламентарни избори 24,8 отсто од граѓаните ќе гласаат за Коалицијата „Можеме“ на СДСМ и БЕСА, а 21,2 проценти за ВМРО-ДПМНЕ, покажува анкетата која ја спроведе Националниот демократски институт од Соединетите Американски Држави.
Според анкетата, ДУИ има доверба кај 7,2 отсто, а Коалицијата меѓу Алијанса на Албанците и Алтернатива кај 5,7 проценти. 16,5 се изјасниле дека нема да гласаат, 9,5 одбиле да одговорат, а 9 проценти се уште не знаат за кого ќе го дадат својот глас.
Сител Телевизија има најголема доверба кај гледачите. Анкетата покажува дека 16 отсто од граѓаните оваа телевизија ја истакнале како најдоверлив извор. Следуваат Алсат со 12, Телма и Канал 5 со 10 и ТВ 24 со 8 проценти доверба.
Дури 44 отсто од граѓаните велат дека Македонија се движи во погрешна насока. Најголем проблем е економијата, односно невработеноста. Овој став го делат 27 отсто од анкетираните, а за 22 проценти најголем проблем со кој се соочува земјата е пандемијата со коронавирусот. 18 отсто од граѓаните велат дека тоа е криминалот и корупцијата.
НДИ ја спроведе анкетата на јавното мислење на терен, преку интервјуа лице в лице, од 12 до 21 јуни на национален репрезентативен примерок од 1.213 испитаници кои имаат над 18 години. Податоците од анкетата не го предвидуваат изборниот резултат, нагласуваат од Институтот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа