По појавата на четврти пожар кај Штип за само неколку дена, Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), изјави дека претпоставува оти пожарите се  подметнати и рече дека МВР истражува за да открие можни сторители.

-Во олку краток период да има вака сериозни пожари е навистина симптоматично и секако дека нè загрижува. МВР работи на откривање на сторителите и времето ќе покаже дали и кој намерно го предизвикал овој пожар, не само денешниот, изјави Ангелов вечерва во гостување во Дневникот на ТВ Сител.

Посочи дека секој ден низ државата има десетина помали пожари, но состојбата сè уште не е алармантна затоа што вегетацијата е сè уште зелена, дрвјата имаат доста количество вода и засега потешко се запалливи.

-Сè уште не се масивни пожарите, но со престанок на дождовите, тревата се суши, станува лесно запаллива и од неа се палат ниската вегетација и шумите. Проблем е во јули и август кога има голем број пожари во еден ден. Лани рекордот беше 44 пожари во еден ден, а во 2024 имаше 66 пожари во еден ден – во почетокот на јули кога гореше Овче Поле. Максимално сме подготвени со човечки ресурси и опрема, но не може да биде доволно. И економски помоќни држави тешко се справуваат со пожарите во лето, истакна Ангелов.

Exit mobile version