Ангелов: Пожарот на планината Серта се приближува кон селото Калањево
Пожарот на планината Серта се приближува кон селото Калањево, но селото воопшто не е загрозено, рече вечерва директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, во видео изјава, појаснувајќи дека станува збор за викенд населба.
- Кон оваа позиција се упатени два хеликоптера на МВР, многу набрзо ќе почнат со дејство. Ќе се обидат да воспостават делумна контрола и уште поточно, да го оспорат овој голем пожар на планината Серта, нагласи Ангелов.
Тој појасни дека има денеска повеќе од десет сериозни пожари, повеќе од десет градоначалници бараа воздушна поддршка.
- И покрај помошта од странство, ние немаме такви капацитети да ги покриеме сите барања. Затоа апелирам да дадат се од себе и преку копно да ги совладаат пожарите. Секаде каде што има можност, да се прават таканаречени противпожарни пресеки, со орање со трактори, булдожери и други машини. За пожарот да не се пренесува, додаде Ангелов.
Тој рече дека во овој момент има уште неколку сериозни пожари. Како посериозни ги спомена и тие во кавадаречко Шивец и росоманско Сирково.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа