Пожар што избил денеска околу 13:30 часот во близина на прилепското село Чаниште брзо се проширил кон населеното место, при што зафатил најмалку една куќа и помошен објект, но со навремена интервенција на противпожарните екипи е спречена поголема катастрофа. Медицинските екипи интервенирале кај две жителки на селото кои вдишале чад, но нивната здравствена состојба во моментот е стабилна – изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов. 

Прилепските пожарникари пристигнале во селото во моментот кога пожарот веќе навлегувал меѓу селските куќи.

– Пожарот којшто денес околу 13.30 часот изби во близина на селото Чаниште, кое што е оддалечено околу еден час возење од Прилеп, многу брзо се прошири кон селото. Во моментот кога прилепските пожарникари стигнаа во селото, пожарот веќе навлегуваше помеѓу куќите. Се работи за старо, преубаво македонско село кое што некогаш било полно со живот. Верувам дека овде живееле стотици луѓе, но денес според оние информации коишто ги кажаа локалните жители, најверојатно живеат десетина возрасни жители. Огнот се движеше помеѓу овие стари куќи, најголем дел од нив напуштени, барем од она што можам да го видам одовде. За жал, според сегашните информации, огнот зафати најмалку една, а постои можност и неколку куќи коишто биле користени за живеење, можеби за повремен престој во нив. Дополнително ќе ја утврдиме точната бројка на зафатени куќи. Зафатен е еден објект, штала, релативно нова, којашто исто така е изгорена – изјави Ангелов.

Според него, со пожртвуваноста на пожарникарите спречена е поголема катастрофа да не го зафати целото село, но, како што рече, линијата на пожарот потоа се разделила во два различни правци.

– Огнот благодарение на прилепските пожарникари е сопрен на место каде што е спречена поголема катастрофа, бидејќи истиот можеше да се пренесе на остатокот од селото. Но потоа, огнот излезе во два различни правци, дијаметрално спротивни, и во овој момент имаме два тешки крака на овој пожар, коишто според неколку локални жители навлегуваат во трева висока повеќе од еден метар. Висока до градите, најмалку. Сува трева, полна со трња и суви грмушки коишто се лесногорливи, така што нè чека многу тешка работа – истакна Ангелов.

Exit mobile version