Во текот на вчерашниот ден во државата беа регистрирани повеќе од 23 пожари на отворен простор, од кои утринава седум се сè уште активни. Најкомплексни за гаснење остануваат пожарите во подножјето на Пелистер и кај селото Градец во Општина Врапчиште, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Пожарот што пред два дена избувна на преспанската страна во подножјето на Националниот парк Пелистер, по интензивните напори на екипите, е ставен под контрола.
– Во текот на ноќта и утрово водевме жестока битка со огнените јазици. Можам да кажам дека пожарот е ставен под контрола и дека огнената линија, која вчера во попладневните часови ни избега е запрена, рече Ангелов.
На терен се ангажирани пожарникари од Ресен и Битола, тимови на ДЗС со пет специјализирани возила „пинцгауер“, доброволци и екипи на „Национални шуми“. Во гаснењето од воздух е вклучен армиски хеликоптер, а по потреба ќе дејствуваат и двата ер-трактори на ДЗС.
Концентрирани се големи сили за ставање под контрола на овој пожар. Станува збор за еден од најтешките шумски пожари оваа сезона. Целта е да не дозволиме огнот да навлезе во квалитетната шума на Националниот парк Пелистер – истакна Ангелов.
Како втор сериозен жариште го посочи оној кај селото Градец во Општина Врапчиште, каде што огнот зафатил борова шума на тешко пристапен терен.
Утрово со дејство започна полициски хеликоптер кој црпи вода од блиско езеро и интервенира на секои пет до шест минути. Хеликоптерот значително помага во запирање на ширењето на пожарот кон селото, рече Ангелов.
На терен дејствуваат гостиварските пожарникари. Според Ангелов, останатите активни пожари во моментов не претставуваат закана за населените места, но упати апел до граѓаните за максимална внимателност бидејќи ризикот од пожари останува висок.


