Мирисот на чад што попладнево се чувствува во повеќе делови од Скопје доаѓа од пожарот на планината Жеден, во атарот на селото Бојане, кој од тетовска страна полека се префрла кон скопска територија.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, преку видеопорака информираше дека пожарот се наоѓа на тешко пристапен терен.
Тој додаде дека како поддршка на скопските пожарникари во гаснењето на пожарот се вклучени и нивни колеги од Тетово.
„Очекувам во попладневните часови да биде воспоставена контрола врз овој пожар, тежок за гаснење“, додаде Ангелов во својата изјава.
Претходно, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека зачаденоста што е забележлива во главниот град се должи и на ветерот кој го носи чадот од пожарот на Китка, во општините Студеничани и Зелениково. На тој терен во текот на денот дејствувал и хеликоптер на МВР.


