Имав голема чест и одговорност како Министер за дигитална трансформација да бидам домаќин на Самитот кој ги поставува Македонија и Скопје како центар на дигитализацијата во Западен Балкан, информираше денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

„Со одржување на овој Дигитален самит, кој го отвори претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, оставаме длабок впечаток на развојот на регионот. Нашата цел и заложба е повеќе од јасна, а тоа е Македонија да биде лидер во дигитализацијата, што ќе значи подобар живот за граѓаните. Добро знаеме дека зад секоја нова платформа, зад секој систем за интероперабилност, зад секоја дигитална реформа стојат граѓаните кои очекуваат побрзи услуги, семејствата кои сакаат подобар пристап до здравство и образование, компаниите на кои им треба помалку бирократија и повеќе можности, и младите иноватори кои сонуваат да ја изградат својата иднина тука, во нашиот регион. Затоа, се собираме. Затоа овој Самит е значаен, истакна Андоновски во својата објава на социјалните мрежи.

На овој самит, Андоновски ја сподели и иницијативата за моделот „роаминг како дома“ со ЕУ, за кој вели дека во буквална смисла, ќе значи помалку трошоци за граѓаните и подостапни услуги кои ги нудат.

„Благодарност до секој еден кој помогна овој настан да биде на врвно ниво! Нашите вработени од министерството го дадоа својот максимум да ја претставиме нашата држава, онака како што заслужува, порача Андоновски.

Leave A Reply

Exit mobile version