Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) денеска известува за променета состојба на граничните премини кон Грција поради блокади. Сообраќајот на граничниот премин „Евзони“ (Богородица) е целосно блокиран за влез и излез од 11 часот.
На граничниот премин „Ники“ (Меџитлија), блокадата важи само за товарни возила и автобуси, додека пак граничниот премин „Дојран“ функционира непречено.
АМСМ информира дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања.
Од Сојузот потсетуваат дека од 15 ноември до 15 март е во сила законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, независно од моменталните временски услови.
Се препорачува внимателно управување со возилата, почитување на сообраќајната сигнализација и прилагодена брзина, особено на места каде постои можност за одрони: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

