Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американските сили извршиле напад врз пристаниште во Венецуела, кое, според него, го користеле бродови осомничени за трговија со наркотици. Нападот, како што наведуваат медиумите, најверојатно претставува прв копнен удар врз Венецуела од почетокот на американската кампања против трговијата со дрога во Јужна Америка.
„Имаше голема експлозија во пристаништето каде што бродовите беа натоварени со дрога. Ги погодивме сите бродови и сега ја гаѓаме областа, која е целосно уништена“, изјави Трамп од неговата резиденција Мар-а-Лаго, каде што беше домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Трамп не ја откри точната локација на нападот, ниту пак прецизираше дали операцијата ја извршила американската армија или Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Според извори на Си-ен-ен и „Њујорк тајмс“, нападот бил извршен со дрон врз изолирано пристаниште кое го користел венецуелскиот нарко-картел „Трен де Арагва“ за складирање дрога и товарење бродови за извоз. Во моментот на нападот, во областа немало лица, па нема информации за загинати.

