Американската амбасада во Тирана издаде безбедносно предупредување до своите државјани во Албанија, укажувајќи на можни закани од групи поврзани со Иран.
Во известувањето се наведува дека овие групи може да се обидат да таргетираат објекти и лица поврзани со САД или со иранската опозиција во Албанија. Дополнително, како потенцијални цели се посочуваат и јавни места како туристички локации, трговски центри, хотели, клубови и ресторани.
Амбасадата апелира до американските граѓани да бидат особено внимателни и да ја зголемат својата будност во наредниот период.
„Ги охрабруваме американските граѓани да бидат внимателни, да ги следат локалните медиуми за нови информации и да внимаваат на својата околина“, се наведува во предупредувањето.
Воедно, им се препорачува на граѓаните да ги преиспитаат своите лични безбедносни планови и да се погрижат мобилните телефони да им бидат наполнети во случај на итна ситуација.
Предупредувањето е објавено на 1 април 2026 година и се однесува на територијата на главниот град Тирана.

