Американската амбасада го известила ОЈО дека е можно над 80 криминалци со оружје да го попречуваат изборниот процес
Неколку известувања за евентуални изборни нерегуларности сторени на подрачјето на ОЈО Скопје добила Комисијата за следење на кривични дела поврзани со изборите и гласањето.
Од амбасадата на САД во земјава доставено било известување дека лице од политичка партија пријавило оти над 80 лица добиле огнено оружје за да го загрозат изборниот процес.
-На 17.10.2021 година во 09:04 часот по лотус добиено е известување од страна на Оперативниот штаб, доставено од страна на Амбасада на САД во кое известуваат дека едно лице од политичка партија, на 16.10.2021 година се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје со цел попречување на изборниот процес, како и дека друго лице – познат сторител на кривични дела поседува оружје и дека на денот на гласањето ќе изврши кривични дела со кои ќе го загрози животот и телото на лица – членови на политичка партија. По приемот на известувањето преку МВР СВР Скопје се проверуваат наводите од пријавата и се преземаат оперативни мерки за проверка на лицата и разговор со подносителот на пријавата, а заради утврдување евентуални основи на сомнение за сторено кривично дело, за кое гонењето се презема по службена должност, велат од ОЈО.
Добиена е пријава дека засега непознати лица со две патнички моторни возила вршат изборен поткуп во Топаана и Шуто Оризари.
-Дадени се насоки СВР Скопје да преземе мерки за проверка на наводите од пријавата, проверка на лицата на кои што им бил понуден поткупот и утврдување на можен сторител на кривично дело „поткуп при избори и гласање“ од член 162 од Кривичниот законик, се вели во дописот.
Освен тоа, пријавени се нерегуларности во ЈДГУ „Кочо Рацин“
-Околу 09:35 часот во близина на влезот на ГМ 2842 и 2842/1 во ЈДГУ „Кочо Рацин“ на ул.„Борка Талески“ на 9 возила од надворешна страна на стаклата е залепена бројка од кандидат за градоначалник. Се преземаат мерки за утврдување на идентитет на евентуален сторител на прекршок од член 190 ст.3 од Изборниот законик, велат од ОЈО.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа