Close Menu
    Најново

    Татко ги злоупотребувал ќерките: Од едната си ги гасел цигарите, на другата и ја скршил раката

    17.10.2025 во 23:50

    Зеленски му предлага договор на Трамп

    17.10.2025 во 23:43

     Филипче: Започнува падот на ВМРО-ДПМНЕ 

    17.10.2025 во 23:17
    Facebook X (Twitter) Instagram
    Актуелно
    • Татко ги злоупотребувал ќерките: Од едната си ги гасел цигарите, на другата и ја скршил раката
    • Зеленски му предлага договор на Трамп
    •  Филипче: Започнува падот на ВМРО-ДПМНЕ 
    • Трамп: Средба во Будимпешта само со САД и Русија
    • Османи најави вонредна состојба во Чаир
    • Трамп го откри тајниот план на Венецуела
    • Османи: По 20 години доаѓа промена
    • Халид Бешлиќ не е погребан во Алејата на великаните – позната причината
    • Најново
    • Популарно
    • Facebook
    • Twitter
    • Instagram
    Press24Press24
    • Насловна
    • Македонија
      • Политика
      • Скопје
      • Црна хроника
    • Бизнис
    • Свет
      • Регион
    • Забава
    • Спорт
    • Технологија
    • Интервју
    Press24Press24
    Home » Амар Мециновиќ: Урбана железница и ефективни автобуси, помалку возила, градот ќе расте контра интересите на мафијата

    Амар Мециновиќ: Урбана железница и ефективни автобуси, помалку возила, градот ќе расте контра интересите на мафијата

    16.10.2025 во 09:39
    Сподели
    Facebook Twitter LinkedIn Pinterest Email

    Во предизборниот период до локалните избори на 19 октомври, Прес 24, ќе објави интервјуа
    со кандидатите за градоначалник на Скопје. Тие интервјуа се предвидени да ги отсликаат нивните размислувања за неколку клични точки кои се важни за идниот развој на Скопје.

    Интервјуата се дефинирани на исти теми и прашања, од кои гласачите ќе можат да направат компаративнин анализи на идеите на кандидатите за тие теми. Во темите опфатени се јавниот превоз, урбанизацијата на градот, чистотата, сообраќајните коридори, организацијата на локалната власт.

    Седмото интервју е на Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје (ЛЕВИЦА)

    ПРЕС 24: Јавниот градски превоз е една од црните точки на Скопје. Кои се Вашите позиции за ова? Што му треба на Скопје? Метро, трамвај, автобуски јавен превоз?

    МЕЦИНОВИЌ: Решението за Скопје е комбинација од урбани железници и ефикасен автобуски превоз. Ние имаме во план создавање нова железничка инфраструктура во должина од 13.2 километри и тоа во две насоки на потегот исток-запад која на делниците каде постојат одговарачки услови би се протегала по земјен пат (како што е булеварот Јане Сандански), а на одредени делници, каде е можно оштетување на инфраструктурата и оптоварување на постоечкиот сообраќај (како што е булеварот Партизански одреди), таа би била суспендирана на мостови. Понатаму, ние веќе имаме постоечка урбана железничка инфраструктура на потегот север-југ односно од Драчево до Скопје Север и понатаму до населбата Ѓорче Петров, а ова е проект кој гледаме дека е во интерес и план и на Министерството за транспорт. Ние сме отворени за соработка со централната власт по ова прашање – 600 илјади скопјани не смеат да бидат заложници на несогласувања помеѓу политичарите. Најнакрај, неопходно е набавување нова флота автобуси за јавното претпријатие бидејќи постоечките се стари и небезбедни – во изминатиот период бевме сведоци на запалување на автобусите и на тоа како некои од нив го загрозуваат сообраќајот поради неисправност. Автобуските линии на кои се сообраќа во овој момент се анахрони и се движат на долги линии од еден до друг крај на перифериите на градот. Наместо тоа ние предвидуваме нивна реорганизација во линии кои би се движеле циркуларно и со помал број автобуси поефективно би ги опслужувале скопјани.

    ПРЕС 24:  Каков е Вашиот план, што може да се очекува како решение и до кој обем во мандат од 4 години?

    МЕЦИНОВИЌ: Дел од проектите кои ги најавуваме, како оној најголемиот и за кој сметаме дека би го решил сообраќајот во Скопје за следните 100 години (железничка оска исток-запад) не можат да бидат остварени во само еден мандат – за овој проект конкретно се потребни 5-8 години за целосна реализација. Сепак поентата е Градот да се постави на здрави темели на работа, како и иновативен пристап кој ќе може да се следи и во идните мандати. За нас е најважно да се оствари интересот на скопјани, а не интересот на Левица или било кој поединец кој би раководел со градската власт.

    Во градот сепак можат да се направат толку многу работи настрана од капиталните проекти, само доколку се има политичка волја – тогаш не би каскале во развојот поради нечии приватни интереси. На пример, преку засилување на јавните претпријатија и институции ние во еден мандат можеме да се стекнеме со енергетски независни претпријатија а пример за тоа е изградба на фотоволтаичните централи за Водовод и канализација или кога би основале ново претпријатие за производство на струја кое би инсталирало фотоволтаици на сите институции и претпријатија под ингеренции на Град Скопје. На тој начин градските претпријатија би се преродиле само во еден мандат и би бил избегнат нивен колапс – се работи за претпријатија кои секојдневно ги опслужуваат и ги решаваат проблемите на скопјани. Најголем дел од работите би можеле да се завршат во рок од 4 години кога станува збор за основната функционалност на градот, но крупните проекти изискуваат подолг ангажман и координација со Владата за нивно употполнување и остварување.

    ПРЕС 24: Втора клучна точка е сообраќајот во главниот град. Имате ли план за проширување, намалување, или пак за реорганизација на сообраќајници и булевари?

    МЕЦИНОВИЌ: Нашата цел, пред сѐ, е намалување на оптовареноста т.е. обемот на сообраќај во главниот град што ќе го овозможиме создавајќи услови за користење на јавниот превоз и субвенционирање на транспорт со велосипеди. На скопјани пред сѐ треба да им биде поудобно да патуваат со јавен отколку со личен транспорт т.е. сопствено возило. Градоначалниците до сега се обидуваа да го решат проблемот со сообраќајот градејќи нови улици, проширувајќи ги постоечките, но на тој начин само го зголемија обемот на сообраќај и зависноста на скопјани од личните возила.

    Сметаме дека коловозните ленти треба да се стеснат со што ќе се намали брзината на сообраќајот на небезбедните делници затоа што видовме дека сообраќајот многупати знае да биде опасен за пешаците. Но, потребно е истовремено растеретување на некои опасни точки со изградба на кружни текови на повеќе локации од кои некои се кај кино Маџари, касарната во Аеродром и на влезот во Ѓорче Петров. Треба да се завршат сите постоечки инфраструктурни проекти како што се булеварот Борис Трајковски и мостот на Керамидница. Преку завршување на инфраструктурните проекти и создавање делотворен и сеопфатен јавен превоз сообраќајниот метеж би се растеретил.

    ПРЕС 24: Што со централното градско подрачје? Дали би поддржале и реализирале идеја за наплата за транзит низ Малиот Ринг со автомобили, по примерот на други метрополи?

    МЕЦИНОВИЌ: Никогаш нема да ставаме такси на движењето на обичниот скопјанец, затоа што не можеме да ги казнуваме сиромашните граѓани кои мораат да транзитираат низ овој дел на Скопје каде што постои економска и институционална концентрација. Не можеме да ги казнуваме нашите граѓани поради грешките кои со години ги правеле градските власти и сметаме дека оваа идеја е дискриминаторска, елитистичка и погрешна. Градот треба да го развиваме во насока на создавање функционален јавен превоз, функционални сообраќајни делници наместо да воведуваме такси за движење низ одредени негови делови.

    ПРЕС 24: Дали на Скопје му требаат нови паркинг простори и каде?

    МЕЦИНОВИЌ: Кога се работи за паркинзите, прво што ќе направиме е да ги ревидираме сите лиценци за паркирање издадени на комерцијални објекти и правни субјекти во Градот Скопје. Нашата филозофија е дека на територијата на Град Скопје единствено Градски паркинг смее да заработува од паркирањето. Тоа значи дека, доколку трговските центри сакаат да наплаќаат за паркинг во нивните објекти, тогаш тоа мора да биде дејност на Градски паркинг. Ние ќе се грижиме за нашето претпријатие на вистински начин и нема да му создаваме дополнителна конкуренција која е многупати скапа и недостапна за возачите. Како што веќе напоменав, нашите мерки за поттикнување на јавен сообраќај и алтернативни превозни средства ќе целат кон намалување на користењето на автомобили, а со тоа и кон намалување на зависноста од градењето нови паркинг простори. Секако дека Скопје има потреба од уредување на постоечките паркинг простори, регулирање на дивите паркиралишта како и тоа менаџирањето на паркинг просторите кои се во раце на комерцијални субјекти да ги вратиме во рацете на Градот.

    ПРЕС 24: Трет сериозен проблем во градот е чистотата. Кој е вашиот план за почисто Скопје?

    МЕЦИНОВИЌ: Нашата цел е во текот на следните четири години да ги стабилизираме јавните претпријатија и да ги поставиме на здрави основи, со цел тие да станат поефикасни и посилни – без непотребно трошење средства и злоупотреби. Кога станува збор за КХС, сметаме дека е потребна оптимизација на работењето и овозможување редовно подмирување на обврските за комунални услуги. Планираме да предложиме нов модел на финансирање, преку кој буџетот на претпријатијата ќе се полни на поодржлив и поефикасен начин. Крајната намера нѝ е да обезбедиме поголема работна сигурност за вработените во комуналните претпријатија и во „Паркови и зеленило“. Првото нешто што ќе го направам како градоначалник е тоа што ќе се сретнам со сите работници во јавните претрпијатија затоа што пред сѐ е потребно да се подобрат нивните услови за работа. Тие треба да се реформираат а нивните директори треба да имаат објективни цели кои ќе ги исполнуваат на макро-план – намалување трошоци, долг и зголемување на ефективноста. Со тоа, ќе се создадат предуслови и за поквалитетни услуги за граѓаните. Хигиената ќе биде наш врвен приоритет – уште од првиот ден ќе преземеме мерки за нејзино ставање под контрола, имајќи го предвид актуелниот проблем со кој се соочуваме. Сметаме дека овие претпријатија, како впрочем и сите јавни установи се оставаат хендикепирани и непродуктивни за да се овозможи нивна приватизација.

    ПРЕС 24: Дали Комунална Хигиена и Паркови и Зеленило треба да се трансформираат во општински претпријатија, или да останат централизирано градско претпријатие?

    МЕЦИНОВИЌ: Секако дека претпријатија како што е КХС и Паркови и Зеленило треба да останат во форма на централизирано градско претпријатие. На Скопје не му требаат десет или единаесет јавни претпријатија кои паралелно ќе функционираат и ќе ги опслужуваат тесните подрачја на нивните општини без координација и цел за опслужување на градот како целина. Клучниот проблем во нивното нефункционално работење е тоа што се раководени од партиски кадар кој не гледа приоритет во нивно оспособување, а воопшто да не го спомнувам подобрувањето на условите за работа на нивните вработени.

    ПРЕС 24: Урбанизацијата на Скопје. Каква е Вашата политика за развојот на градот?

    МЕЦИНОВИЌ: Најсилната алатка што Град Скопје ја има на располагање како локална самоуправа е донесувањето на Генералниот урбанистички план (ГУП). За да е појасно на пошироката јавност, тоа е документот што ги поставува основните правила според кои се изработуваат сите детални урбанистички планови – оние што најчесто ги нарачуваат инвеститори со финансиска моќ, преку свое влијание врз општините. Потоа, општинските совети ги прилагодуваат тие планови според интересите на поединци и групи, а не според јавниот интерес. Ние планираме да го промениме тој пристап – нашиот Генерален урбанистички план ќе биде создаден заеднички, со вклучување на стручната и пошироката јавност, без диктат на бизнис-групи или партиски спонзори. Целта е да се воспостави вистинска хуманизација на просторот и рационален урбан развој на градот.

    Понатаму, Скопје има многу голем човечки, научен и институционален потенцијал кој може да го скрои новиот ГУП по мерка на граѓаните наместо на инвеститорите. Сепак, сиот тој потенцијал треба да се ослободи од спрегите на приватниот бизнис-интерес кој моментално го држи потчинет. Тоа ќе се направи во соработка со стручната фела која ќе биде уважена и испочитувана во поглед на нејзините придонеси кон планирањето на новиот ГУП. Конечно, сметаме дека градските власти треба да им пријдат на граѓаните, да дојдат до нивните заедници и животни простори па заедно со нив да решат што е најдобро. Ние ГУП-от ќе го кроиме во рамки на еден крајно инклузивен и содржаен процес при кој сите маала и граѓани ќе бидат прашани за желбите и потребите во однос на урбаното планирање.

    ПРЕС 24: Во кој правец треба да се шири Скопје?

    МЕЦИНОВИЌ: Наш приоритет е рамномерен развој на цело Скопје – моментално постојат запоставени делови и општини без пристап до квалитетни јавни услуги, што мора да се промени. Понатаму, преку новите урбанистички правила ќе ја поттикнеме населеноста и развојот на периферните делови на градот. Веруваме дека Скопје треба да расте на тој начин, спротивно на интересите на урбаната мафија која со пренатрупување на центарот на градот остварува профит на сметка на граѓаните и го прави животот во него сè потежок и понедостапен. Конечно, нашата визија е секоја населба, во радиус од 15 минути пешачење, да располага со сите неопходни институции и услуги за секојдневен живот – со тоа ќе се овозможи балансиран и одржлив развој на целиот град.

    ПРЕС 24: Управувањето со отпад. Градот, државата (владата), или приватен инвеститор е решение за Дрисла?

    МЕЦИНОВИЌ: Додек сме ние на власт, нема ниту една педа од Град Скопје да биде приватизирана – доста се приватизираше сѐ од 90-тите па навака. Секоја приватизација нѝ покажала дека граѓаните потоа добиваат полоши услуги за повеќе пари, додека профитот го собираат поединци за јавни услуги кои требаат да бидат достапни и квалитетни. Доколку не дојдеме ние на кормилото на градските власти постои голема опасност од приватизирање на остатокот на претпријатијата. Тоа може да почне со Дрисла и КХС, но до крајот на мандатот очекуваме бизнис-интересот комплетно да преовладее над Град Скопје знаејќи дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ планираат да не остават без сите градски претрпијатија и да ги префрлат во раце на приватници. Така тие ќе ги приватизираат и ЈСП, како и Водовод и канализација.

    ПРЕС 24: Имате ли идеја како Скопје да стане град со нула отпад на улица?

    МЕЦИНОВИЌ: Веќе имаме разговарано со странски експерти кои нѝ посочија околу постоечка технологија која се користи во европските и други светски градови преку која отпадот се претвора во гориво. Да бидеме илустративни, за Вардариште би била потребна централа за преработка на комуналниот отпад во големина од 720 метри квадратни, а Градот би го чинела 6 милиони евра и преку неа би можеле сиот отпад од оваа локација да го претвориме во материја која во следниот чекор се рафинира во видови гориво кои потоа можат да се користат на различни начини – било да е тоа водород или други енергенси. Во консултација со овие експерти дојдовме до заклучок дека Скопје со нула отпад е реална можност и сметаме дека Дрисла може да се осовремени во една голема централа од затворен систем со влезна материја отпад, а гориво како производ за нашите претпријатија и институции.

    ПРЕС 24: Постоечката локална организација. Дали треба да се менува и во кој контекст? Начин на финансирање, начин на избор на претставници, територијално? Поголема централизација, или поголема децентралзиација?

    МЕЦИНОВИЌ: Од лично гледиште, сметам дека сегашниот модел на локална организација во Скопје е неправилен. Како политичка партија, во нашата програма јасно стои дека Град Скопје треба да функционира како единствена управна целина – сè што сега е под надлежност на Градот треба да биде под еднаква и обединета управа. На тој начин, ќе можеме најефикасно да се справиме со предизвиците, бидејќи моментално имаме десет општини со различни раководства и интереси, кои не успеваат да обезбедат квалитетни решенија и услуги за граѓаните во нивните заедници. Имено Град Скопје, според својата големина и структура, може да се спореди со една републичка институција – нема реална потреба од толкава административна поделба. Исто како што државата би можела да функционира со значително помал број министерства, така и скопјани немаат потреба од десет општини. Сепак, свесни сме дека моменталната состојба е таква каква што е, и ние сме подготвени да ја преземеме одговорноста во постојната поставеност на работите, со цел да ги постигнеме најдобрите можни резултати. Но, сепак, моето убедување останува исто – децентрализацијата на надлежностите во рамките на Град Скопје е контрапродуктивна и не е во интерес на самиот град и неговите жители.

    Популарно

    Утврдени над 60 неправилности во работата на превозникот – бројот на загинати во Сремска Митровица се зголемува

    17.10.2025 во 20:44

    Трамп го откри тајниот план на Венецуела

    17.10.2025 во 22:55

    Татко ги злоупотребувал ќерките: Од едната си ги гасел цигарите, на другата и ја скршил раката

    17.10.2025 во 23:50

    Османи најави вонредна состојба во Чаир

    17.10.2025 во 23:07
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Насловна
    • Најново
    • Импресум
    • Маркетинг
    Њу Медиа Комјуникејшн © 2010 | сите права заштитени

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.