Амар Мециновиќ имаше одличен резултат во Скопје со освоени преку 60.000 гласа, што е повеќе од вкупниот број на гласови кои Левица ги освои на советничките листи во цела Македонија.
Меѓу двата круга, Мециновиќ за повеќе од двојно го зголеми своето конто гласови, што е резултат кој веројатно неговата партија уште долго ќе ги прераскажува во јавност.

Каде Мециновиќ доби најмногу гласови
Најголем дел од разликата меѓу двата круга, некаде околу четвртина од неа или 7.776 гласови повеќе Мециновиќ доби во Карпош. Соработката која ја туркаат со Стевчо Јакимовски во оваа општина заедно со гласовите на СДСМ му донесоа на Мециновиќ конто од преку 13.000 гласа, само 17 помалку од Орце Ѓорѓиевски кој во Карпош исто така додаде нешто под 1000 гласа меѓу двата круга.
Ако СДСМ има една општина во Скопје која колку толку ја има под контрола тогаш тоа е Центар. Очекувано, Мециновиќ ги собира и тука гласовите на опозицијата и заедно со уште еден дел од гласачите кои поддржаа независни кандидати прави солидна разлика од преку 6.000 гласа.
Мециновиќ ги собра сите гласови на СДСМ
Кога ќе се направи споредба со бројот на добиени гласови на Каја Шукова во првиот круг и оние кои Мециновиќ ги доби како плус гласови во вториот круг, оправдано е да е претпостави дека токму тој ги собрал гласовите на опозицијата.
Околу 4.000 гласа повеќе има направено како позитивна разлика во вториот круг од оние кои ги имаше Шукова што веројатно е дополнување кое го добил од поддржувачите на Стевчо Јакимовски.
Ѓорѓиевски жртва на менаџментот на кампањата
Орце Ѓорѓиевски може да биде задоволен дека победил на овие избори, иако тоа се знаеше веројатно уште пред крајот на летото кога беше и објавена неговата кандидатура. Но, фактот дека е изразен фаворит дефинитивно се одрази на неговото конто поради тоа што во услови кога 6 од 10те општини во главниот град избраа градоначалници во првиот круг, мотивирањето на гласачите станува сложена операција. А за неа, ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да троши ресурси во вториот круг. Партијата веројатно пресмета дека изборната трка во Скопје е завршена без оглед на резултатот во вториот круг, односно дека кандидатот на Левица и да биде поддржан од целата опозиција (што и се случи) нема капацитет да ја загрози победата на Орце Ѓорѓиевски. И оваа пресметка беше точна. Можеби Орце Ѓорѓиевски е избран градоначалник со најмал број на гласови, но мора да се земе предвид дека и овој втор круг имаше најмал процент на излезност од околу 35% а споредбата со претходниот изборен процес покажува дека сега гласале околу 50.000 луѓе помалку.
Некој ќе каже дека причина за намалената излезност е лошата понуда од партиите и системот кој ги турка гласачите кон апатија, за што веројатно ќе биде во право, но статистички гледано, реалната причина е слабата мотивација пред се на партиските бази, тоталното отсуство на интерес во албанскиот политички блок и фактот дека од година во година во земјава има се помалку луѓе.
Во услови кога победата во Скопје беше сигурна по првиот круг, ВМРО-ДПМНЕ комплетно се посвети на одредени општини кои сакаше да ги освои за да го подобри партискиот имиџ но и за да може Мицкоски во својата биографија да каже дека бил првиот партиски лидер кој издејствувал градоначалник во Кичево, му ја преземал Струмица на СДСМ и поставил кадар од својата партија во скопски Карпош.
Тоа и се чувствуваше во Скопје бидејќи Ѓорѓиевски меѓу двата круга водеше прилично слаба капмпања, ретко се појавуваше на настани освен еден завршен митинг во Скопје, односно неговата кампања комплетно се разликуваше од она што го гледавме во првиот круг.
На крајот и тој и неговата партија можат да бидат задоволни бидејќи мандатот е обезбеден, а кога ќе завршат изборите, веќе никому не му е ни грижа кој со колку гласа дошол на функција.
 

									 
					