Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека новиот Закон за заштита од пушењето нема да доведе до затворање на бизнисите, нагласувајќи дека со него не се забранува пушењето целосно, туку се регулира каде тоа е дозволено, со цел заштита на јавното здравје.
Одговарајќи на новинарско прашање, Алиу истакна дека угостителските објекти ќе имаат можност да се прилагодат на законските решенија преку уредување на соодветни отворени простори.
– Бизнисите нема да се затворат, бидејќи со законот за заштита од пушењето не се забранува пушење цигари. Тие луѓе кои пушат може да пушат во одредени простории, како што се тераси отворени од три страни. Значи кафичите и локалите можат да креираат таков тип инфраструктура, ако им е битно за бизнисот, рече Алиу.
Министерот посочи дека од економски аспект не се очекуваат загуби, потсетувајќи дека државата и понатаму обезбедува субвенции за тутунот и има значаен извоз во оваа област.
– Вториот момент е што даваме субвенции за тутунот, имаме извоз на тутунот. Од економска гледна точка не гледаме дека ќе има некаков тип загуби. Здравството и здравствените политики се поврзуваат со здравјето, а здравјето никогаш нема цена, нагласи министерот.
Тој додаде дека нездравото население создава далеку поголеми економски последици отколку рестриктивните мерки против пушење во затворени простории.
– Од другата страна со нездраво население вие дефинитивно одмагате на бизнисот многу повеќе отколку со вакви политики против пушење на цигари во затворени простории. Направена е и таква анализа. Луѓе кои се зависници од таков тип на производи се помалку активни во секојдневната работа во државните и во приватните институции, истакна Алиу.
Министерот информираше и дека пушењето нема да биде дозволено пред јавни институции на целата територија на државата.
– Пред институции, не само во Клиничкиот центар, туку секаде низ целата држава, пред јавни здравствени установи, но и други јавни институции, училишта, градинки, министерства, нема да биде дозволено да се пуши, рече Алиу.
Изјавите Алиу ги даде по прес-конференцијата посветена на обезбедувањето вакцини против Хепатитис Б.

