Алексоска: Итно да се почне со психолошка помош за траумите од Кочани
Мора што побрзо, како општество да дејствуваме и да им се даде психолошката помош на сите, најмногу на семејствата кои ги загубија најблиските, на младите, но и на сите што се лекуваат во земјава и во странство во индивидуалната и колективната траума од трагедијата во Кочани, вели психологот Ана Алексоска од Прилеп која работи на психолошка помош, главно за младите.
Различни се колективната и индивидуалната траума, а со тоа и пристапот на психолошко лекување и заздравување.
-Тие што се директно дел од трагедијата, пред сѐ, бараат под итно психолошка поддршка и помош каде што ќе можат на едно сигурно место да ги изразат своите емоции, да ги процесираат и емоциите и мислите, сѐ со цел да се започне некаков тек на лекување на траумата. И секој еден со друг да си помага. Битни се тука и роднините, и пријателите за помош, да се поминува повеќе време со блиските и сѐ што има некаква смисла. Активности што им даваат некаква смисла на луѓето за да се излекува траумата, вели Алексоска.
Психолошката помош особено е битна за младите од Кочани каде имаме генерациски загуби. Психолозите веќе ја нудат бесплатно помошта.
- Социолозите, наставниците, а пред сѐ, психолозите што побрзо да ја дадат помошта, да не се остава траумата да тлее. Комората на психолози ја има објавено листата на психолози кои бесплатно ги нудат својата помош и поддршка. Исто и ние како група психолози ги нудиме таа помош и поддршка и би рекла, мора што побрзо да се започне. Имам случај со една девојка која беше директно засегната – нејзина цимерка била прегазена во стампедото и сега е со тешки повреди и во лоша ментална состојба. Беше премногу загрижена за цимерката и не знаеше како да направи нешто што ќе го заокружи тој процес на жалење и сочувство со неа, рече психологот Алексоска.
Психолошката помош итно им е потребна и на сите повредени што се лекуваат. Има предлози од европската асоцијација да им се даде помошта додека се лекуваат во странство.
-Има предлог од европската асоцијација на КПТ терапијата. Психолозите што работат со КПТ терапијата во странство каде што се згрижени нашите деца да работат директно со тие деца, од секоја земја секој терапевт посебно. Но, пак ќе речам дека мора што побрзо да се започне со психолошката помош, смета психологот Ана Алексоска од Прилеп.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа