Во Грција заклучно со вчера претпладне се дијагностицирани вкупно 157 случаи на инфекција со вирусот Западнонилска треска, а регистрирани се и 13 смртни случаи од почетокот на сезоната.

Според неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), сите починати лица биле постари од 65 години, со просечна возраст од 82 години.

Само во текот на изминатата седмица се регистрирани 47 нови случаи и четири починати лица.

Од сите заразени, 116 лица се со симптоми на централниот нервен систем како енцефалитис, менингитис или акутна парализа, додека кај 41 случај се забележани благи симптоми.

Во болниците моментално се лекуваат 42 лица, 92 пациенти се веќе отпуштени, а во десет случаи не било потребно болничко лекување.

Најголем дел од случаите, односно вкупно 104, се регистрирани во областа Атика, поширокиот регион на Атина, додека 46 се забележани во Тесалија, северна Грција и на Пелопонез, а за седум случаи се води епидемиолошко истражување.

Поради зголемувањето на бројот на инфицирани во Атика, властите започнаа дополнително запрашување против комарци и ги зголемија активностите за 30 проценти.

Првиот случај за оваа сезона беше регистриран на почетокот на јули, а вирусот е присутен во Грција секое лето од 2010 до 2014 година и од 2017 година до денес.

Најтешка беше 2018 година со 317 случаи и 51 починат, додека минатата година беа регистрирани 96 случаи и девет смртни случаи.

Exit mobile version