Франција стана првата земја надвор од африканскиот континент која потврди случај на инфекција со вирусот ебола на своја територија, откако опасната болест е дијагностицирана кај лекар кој неодамна престојувал во Демократска Република Конго. Претходните сомнителни случаи во Бразил и Италија не беа потврдени од тамошните власти.
Епидемијата, која во помал степен ја погоди и Уганда, е предизвикана од редок сој на вирусот познат како „Бундибуџо“, за кој во моментов не постои одобрена вакцина или специфичен медицински третман.
Француското Министерство за здравство денеска соопшти за „идентификација на првиот потврден случај на заболување од вирусот ебола во земјата“.
„Пациентот, кој се вратил од една од областите во Демократска Република Конго каде што циркулира вирусот, веднаш бил примен во специјализирана установа и е во стабилна состојба“, соопшти министерството.
Од ресорното министерство наведоа дека случајот е идентификуван на француското копно, без да дадат дополнителни детали за точната локација на болницата, повикувајќи се на строга медицинска доверливост.
Иако здравствените власти веднаш нагласија дека ризикот од понатамошно пренесување во заедницата се смета за низок, францускиот премиер Себастијан Лекорну изјави дека ја следи целата ситуација „многу внимателно“.
Инаку, во Демократска Република Конго моментално владее голема епидемија на ебола, која се манифестира како хеморагична треска и многу често завршува со фатални последици по пациентите.
Според најновите официјални податоци, 1.048 лица се заразени со вирусот, од кои 267 починале, што ја прави стапката на смртност околу 25 отсто, иако дел од експертите стравуваат дека реалната бројка на заразени е многу поголема поради оддалеченоста на регионите.


