Согласно Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за постоење кризна состојба поради зголемените ризици од пожари на отворен простор и шумски пожари, денеска (02.07.2026 година) во Центарот за управување со кризи се одржа првата координативна седница на Главниот штаб за управување со кризи.

На седницата присуствуваше директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамет Али, заедно со раководителот на Главниот штаб и преставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, Црвениот крст на Република Северна Македонија, Министерството за здравство, Итната медицинска помош, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за разузнавање, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и други надлежни институции, соопшти ЦУК.

„На седницата беше разгледана актуелната состојба со пожарите и подготвеноста на институциите за координирано постапување во услови на кризна состојба.

Главниот штаб го усвои Акцискиот план за превенција и справување со пожарите, со кој се предвидува координирано ангажирање на човечките и материјално-техничките ресурси, подобрување на меѓуинституционалната координација и обезбедување постојана комуникација за навремена реакција при пожари“, стои во соопштението од ЦУК.

Exit mobile version