Поголемиот дел од европскиот континент се наоѓа под влијание на силен антициклон и воздушен притисок кој носи екстремно високи температури за овој период од годината.

Многу изразен термички градиент се шири од северозападна Африка низ југозападна и западна Европа, носејќи топла воздушна маса кон североистокот на континентот.

Шпанија, Португалија, Франција, Англија и земјите од Бенелукс веќе се под силен топлотен бран, кој постепено се шири кон Италија, Швајцарија, Алпите и Германија.

Во југозападна Шпанија температурата веќе достигна 38 степени во Севиља, додека во југоисточна Португалија се измерени 37 степени.

Жештините ја зафатија и Франција каде се регистрирани 36 степени во Бордо, колку што се измерени и во централните шпански региони јужно од Мадрид.

Синоптичарите најавуваат дека наредните денови ќе бидат уште пожешки, со температури кои се за дури 15 степени повисоки од просекот за крајот на мај.

Во Англија температурите ќе достигнат до 30 степени, а на југот на земјата и во Лондон се очекуваат рекордни 34 степени за овој месец.

Лондон и Париз во следните денови ќе бидат најжешките метрополи во Европа, со повисоки температури дури и од Атина и повеќето места на Медитеранот.

Ваквите нагли промени доаѓаат по интензивниот ладен бран кој пред само една недела донесе есенски температури и снег на планините во северна Шпанија.

Сличен метеоролошки пресврт се случува и во Русија каде Москва мери 32 степени, иако на почетокот на мај руската престолнина беше погодена од снежна бура.

Додека западот на континентот се соочува со тропски температури, источниот дел на Медитеранот во моментов е под влијание на поладна воздушна маса.

Регионот на Србија се наоѓа на работ на овој топол бран, каде за викендот се очекува пријатно време до 26 степени со локален пороен дожд, пред летното затоплување и 30 степени на почетокот на следната недела.

Exit mobile version