Портпаролот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, денеска изрази длабока загриженост поради, како што посочи, очигледниот застој на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, за што ја обвини актуелната влада.
ДУИ укажа дека додека земји од регионот, како Црна Гора и Албанија, бележат напредок во преговорите со Европската Унија, Северна Македонија останува единствената земја која сè уште нема отворено ниту едно преговарачко поглавје.

„И покрај долгогодишните напори и спроведени реформи, нашата земја останува заглавена. Ова е резултат на блокирачки политики, политичка неспособност и отсуство на искрена волја кај владата“, изјави Адеми.
ДУИ потсети дека партијата ВРЕДИ – коалициски партнер во владата – јавно ветила уставни измени како предуслов за учество во извршната власт, но досега, според ДУИ, тие ниту го исполниле ветувањето, ниту презеле конкретна иницијатива.
„ВРЕДИ тврдеше дека ‘нема влада без уставни измени’, но останаа во владата и покрај непочитувањето на сопствените зборови. Дури и кога се политички отфрлени, тие се враќаат низ прозорец во проектот што ја шири агендата на ‘Српскиот свет’ во Македонија“, рече Адеми.
ДУИ предупредува дека ваквиот застој го загрозува не само евроинтеграцискиот процес, туку и духот на Охридскиот рамковен договор, кој беше темел за стабилност и еднаквост во земјата.
„Бараме итно отворање на преговарачките поглавја и отстранување на сите обструкции. Полноправното членство во ЕУ останува единствената гаранција за стабилност, безбедност и развој на државата“, нагласи Адеми.
ДУИ, како што потенцира, останува доследна на европскиот пат на Северна Македонија и ќе продолжи да се бори за реализација на оваа стратешка цел.